Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска присуствуваше на презентацијата на новата седумгодишна “Еразмус + образовна Програма за 2021/2027 година“ на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
-Работиме и создаваме модерно општество во кое на младите лица им овозможуваме да инвестираат во своето образование. Со директорот Марко Ѓоргиевски потенциравме дека само преку транспарентна евалуација и правична распределба на средствата ќе има квалитетни проекти и позитивни резултати од имплементацијата на проектите од Програмата, што крајно ќе резултира високоедуцирани млади кадри конкурентни на пазарот за труд.
Ги поттикнуваме младите да учат, да се надоградуваат и растат. Само со задоволни млади можеме да создадеме сигурна и силна иднина, посочи вицепремиерот Николовски.
-Наша клучна цел е да се спречи иселувањето на младите, а во тоа ќе успееме со транспарентни и отчетни институции, со системски мерки за сузбивање на корупцијата во сфера од општеството. Ги охрабрувам сите млади лица, со желба и амбиција за напредок да земат активно учество во програмата на Еразмус+, и да инвестираат во својот личен раст и развој, вели Николовски.