Денес на самиот почеток на бербата на грозјето сме во Кавадарци за да бидеме со лозарите да ги слушнеме проблемите и да ги понудиме решенијата на СДСМ што ќе бидат дел од нашата понуда. Имаме чесна понуда и сакаме да ги решиме проблемите што ги имаат овие чесни луѓе. – истакна Љупчо Николовски од СДСМ.
Oна што е клучно во програмата е што воведуваме во првите 100 дена од мандатот на новата демократска влада зелена поевтина нафта за 50% која ќе се користи за земјоделската механизација. Воведуваме поевтини вештачки ѓубрива и поквалитетни репроматеријали. Затоа што сметаме дека со намалувањето на производствените трошоци ќе имаме подостоинствен живот и стандард на лозарите.
Но, она што го ветуваме и гарантираме дека ќе го реализираме е што ќе има сигурен откуп на производството т.е. на грозјето. Ќе застанеме во решавање на проблемите на винариите, но и проблемите што ги имаат лозарите. Имаме системски решенија и мерки и затоа велиме дека 30 дена пред откупот ќе се договараат цените по коишто ќе се откупува. Тоа се само дел од решенија и мерките за коишто се обврзуваме веднаш да ги реализираме и цврсто стоиме зад овие системски решенија. – додаде Николовски.
Исто така, во целиот овој период во Неготино и Кавадарци пред околу половина година Владата, министерството, министерот и заменик министерот ветија дека проблемите на лозарите ќе ги решат со тоа што рокот за исплата на грозјето ќе се скрати од 6 на 3 месеци. Видовме пред само неколку ден истите луѓе ги враќаат старите решенија.
Денес слушнав дека министерот во Кавадарци имал средба со лозарите и дал нови ветувања за нови промени на законите со кои ќе се подобри состојбата во овој сектор и ќе се решат проблемите на лозарите. Со паушални и измислени измени на закони нема да се решат проблемите. Проблемите мора да се решат системски, затоа имаме чесен пристап, ќе понудиме тим коишто ќе биде чесен, одговорен и искрен, но и политики зад кои цврсто ќе застанеме. – посочи членот на Извршниот одбор на СДСМ, Николовски при денешната посета на Кавадарци.