Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски во емисијата „10 Минути“ на ТВ21 посочи дека корупцијата е најголемото зло кое што „ја јаде“ демократијата, човечноста, институциите, државата и ја намалува довербата кај институциите од страна на граѓаните.
„Секоја држава се бори да го намали и елиминира тоа зло токму затоа што констатиравме дека состојбите во општеството во кое што живееме и во кое што напластени проблеми со децении треба една нова генерација која што е најрастеретена и која со чесен, одговорен пристап ќе се зафати со решавање на овој проблем“, истакнува Николовски.
Тој вели дека токму затоа во оваа Влада е воспоставена токму оваа позиција на посебен човек, односно заменик претседател на Владата кој со свој мал тим ќе се занимава со сите политики кои што ќе значат намалување или елиминирање на ова зло кое што ги разочарува и граѓаните и младите.
„Токму таа тешка работа впрочем е падната токму сега во овој период да ја работиме. Решивме крупни проблеми за државата, а овој е еден од најсуштествените и затоа воспоставивме со претседателот на Владата токму една таква позиција со специфична област да се занимава со оваа работа“, додава Николовски.