Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Александрович Баздникин и претставници на стопанските комори присуствуваше на одбележувањето на 14 годишнината од постоењето на Македонско – Руската Стопанска комора, насловена како „Иднината на економската соработка со Руската Федерација”. Министерот Николовски ја истакна важноста за економската соработка со Русија особено за трговската размена и напомена дека тоа ќе биде централната тема на следната седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу двете земји, чиј ко-претседател од македонска страна е министерот Николовски, а воедно се заблагодари за признавањето на новото Уставно име од страна на Руската Федерација.

“Оваа прилика ја користам, повторно да кажам, дека извозот на македонски земјоделско-прехранбени производи во Русија се одвива непречено, не постои никаков застој при влез на македонските камиони во Руската федерација. Извозот на македонски земјоделско-прехранбени производи во Русија бележи континуиран пораст во изминатите неколку години, а носечки производи се овошјето, зеленчукот и цигарите. Во првите месеци од оваа година, според податоците од Државниот завод за статистика е регистрирано зголемување на целокупниот извоз за 41%, а кај земјоделско- прехранбени производи, само во јануари има зголемување за 90% споредбено со истиот период минатата година. Зголемениот извоз од Република Северна Македонија кон Русија во делот на земјоделско- прехранбените производи се должи пред се на извозот на јаболки, во количина од 3.145 тони, а во вредност од 1,2 милиони евра”,изјави Николовски.
МЗШВ и во иднина ја продолжува поддршката на македонските компании за промоција на земјоделско-прехранбените производи на рускиот пазар, преку учество на најголемите саеми во Москва, како што е „Продекспо“ и „Светот на храната“. Дополнително, министерството ќе го финансира и Македонскиот дом во Москва со вкупна финансиска годишна поддршка од 150.000 евра. Македонскиот дом е важен не само за промоција на нашите производи, туку и за поврзување на македонските со руските и компаниите од другите држави.
МЗШВ ќе работи и на збогатување на асортиманот на македонски производи, за кои има интерес на рускиот пазар, како што се македонските вина и млечни производи. Инаку, Владата на Република Северна Македонија ја реафирмираше работата на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, во која земјоделството претставува значаен сегмент во разговорите меѓу Владите на двете земји. Оваа комисија нема одржано седница од 2014 година.

– Резултатите од работата на Македонско-руската стопанска комора се евидентни. Сепак, не треба да останеме таму каде што сме. Се уште имаме значителен нереализиран потенцијал за соработка. Ние сме подготвени да соработуваме толку поинтензивно колку што сакате, рече Баздникин.
Од Македонско-руската стопанска комора истакнаа дека еден од најзначајните проекти кои го спроведуваат со цел интензивирање на економската соработка меѓу двете земји и создавање поволна клима за соработка со руски бизнис партнери е трговско изложбениот простор „Македонски дом“ отворен во Москва пред точно две години на просторот на најголемиот земјоделски кластер „Фуд сити“. Проектот, кој е финансиски поддржан од државата, е насочен кон значен маркетинг и директно зголемување на продажбата на производи од македонското стопанство на големиот руски пазар, но и за пазарите на други земји од Евроазиската унија.
– Според информациите добиени од стопанствениците, а гледајќи ја вкупната статистика станува јасно дека и во иднина мораме да се потрудиме во намалувањето на големиот финансиски дефицит во трговската размена со Русија и тоа во услови на сложена економска состојба во светот. Токму тоа е нашиот мотив за посилен поттик на македонските извозници кон рускиот пазар, особено на производителите на земјоделски производи, рече претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Ѓорги Дика.
Македонско-руската стопанска комора е формирана на 25 март 2005 година од неколку македонски компании кои извезуваат на рускиот пазар, а денеска е деловна асоцијација која брои над 150 членки.

