Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во интервју за ТВ Сител, рече дека вчера имале долги и исцрпни консултации со винариите и лозарите и заеднички успеале да постигнат договор за овогодинешните откупни цени за грозјето.
-Историски најголемо зголемување од 30% споредбено со ланските откупни цени. Да не заборавиме, не ги оставивме сами винариите ни во Ковид криза, кога преку повеќе мерки исплативме 649 милиони денари директна помош на лозарите. Успеавме да го стабилизираме домашното производство на грозје со просечно производство од околу 270 илјади тони на годишно ниво, рече Николовски.
Министерот потенцираше дека трета година по ред бележиме раст на извозот на вино, но и на винарските визби кој заклучно со 2022 година изнесува 139 со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри.
-Секоја година МЗШВ одвојува средства за поддршка и промоција на македонските вина на саемите низ светот. Истовремено подготвуваме нов Закон за вино кој е усогласен со #ЕУ регулативите и кој ќе придонесе да имаме поквалитетно македонско вино, вели Николовски.
