Николовски: Граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против корупцијата, појава која ја нагризува и иднината на нашите деца

Ние како Влада ги засилуваме сите механизми за борба против корупцијата кои ни стојат на располагање, а градиме и воведуваме и нови механизми за справување, искоренување и имплементација на конкретни мерки за превенција и сузбивање на високата корупција. Граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против кариесот во општеството, појава која ја нагризува и иднината на нашите деца, појава која спречува развој и подобри и посигурни услови за живеење и работење. Ова е Влада која коренито се зафаќа со решавање на проблемите и веруваме дека и во оваа област граѓаните набрзо ќе воочат разлика и поместување кон подобро, истакна за МИА за вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Тој, во интервјуто за МИА, зборуваше за активностите кои ги преземаат во борбата со корупцијата, изготвениот План, чекорите кои ги предвидува, како и за неговото тековно спроведување.

Во однос на соработката со другите политички партии, Николовски нагласи дека има постојана координација со владината коалиција, но за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ рече дека оттаму на секој чекор доаѓаат опструкции, попречувања или саботирања во испораката на правдата во разни случаи.

За извештајот на Стејт департментот во кој се наведува дека корупцијата во земјава е на високо ниво, вицепремиерот истакна дека не се рамнодушни кон извештаите кои ги констатираат слабостите на општеството, но, како што рече, тоа не само што не не’ демотивира, туку не прави поодлучни во битката.

За случајот со починатиот овчар Златко Божиновски, Николовски потенцираше дека по завршувањето на целата постапка, секаде каде што ќе биде утврдено, одговорност ќе има. Тој додаде дека Комисијата формирана од ЦУК работи и на ревидирање на стандардните протоколи кои довеле до затајување на алките во системот.

Во врска со софтверот за сообраќајни прекршоци на Драги Рашковски и сомнежите што ги покрена, вицепремиерот посочи дека законите мора да се почитуваат, сите сме еднакви пред нив, а надлежните институции во моментов постапуваат.

Во планот за борба против корупцијата најавувате повеќе мерки за справување со криминалот и корупцијата. Дали Планот ќе остане само на овие мерки, ќе претрпи ли некои измени и дополнувања, дали може да се очекува вметнување на некои странски искуства во делот на мерките?

-Планот е многу сериозен проект подготвен врз основа на препораки и предлози од надлежни институции, од објавениот јавен Повик за доставување на предлози од страна на невладини организации минатиот месец, од независните тела, како и врз основа на релеватните домашни и странски извештаи. Планот кој содржи 18 системски мерки, нови начини и соодветни механизми за спречување и искоренување на корупцијата е продолжение на она што започнавме да го работиме пред шест месеци. Иако планот е усвоен и понатаму се следат домашните и странските извештаи на тема корупција и криминал, се разгледуват странските искуства во однос на мерките и стратегиите. Веќе работиме на нова мерка која ќе придонесе во превенција и зајакнување на механизмите на контрола во борбата против корупцијата и судирот на интереси во јавниот сектор. Анализиравме дел од меѓународните заклучоци кои покажуваат дека преку воведување на законска обврска за пријавување на имотната состојба и судир на интереси односно сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва на службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања, инспекторите, царински службеници и сите раководни административни службеници, ќе се оневозможи злоупотреба на службената должност и можноста за искористување на својата положба за прибавување на имотна корист, нанесување на штета или друг начин на влијание со кое службеното лице стекнува некаква корист за самиот себе или за него блиски лица. Со тоа никој нема да може да го сокрие својот имот и да се богати на грбот на граѓаните и државата. Сличен модел на широк опфат на пријавување на имотна состојба и судир на интереси има во
Романија, Литванија и Грција и истото се има покажано како навистина ефикасен модел.

Во Планот, како клучни проблеми ги истакнавте системската поврзаност и размената на информации. Кои конкретни чекори се преземаат за надминување на тие проблеми?

-За да може навреме да се откриваат коруптивните и криминалните случаи и навремено и ефикасно да се процесуираат предметите, да има брзи разрешници, неопходна е координација и размена на информациите помеѓу надлежните антикорупциски институции. И токму, тоа беше и еден од приоритетите на почетокот на мандатот, да согледаме каква е состојбата и што треба да се преземе. Она што можам да го наведам сумирано, е дека најголем проблем претставува системската поврзаност на институциите и брзата и ефективна дигитална размена на документи и ние активно работиме на
решавање на овој проблем како мерка во Планот за борба против корупција. Ги задолживме седумтте антикорупциски институции да се поврзат на Националната платформа за интероперабилност и ефективно да ја применуваат плаформата при прибирањето на податоци за одреден случај. Платформата обезбедува навремена размена на податоци по електронски пат, за предмети поврзани со корупција, што е важно за ефикасни и брзи резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција. Никој не смее да затајува и забавува случаи каде има сомнежи за корупција. Ќе се формира Работна група којашто ќе работи на подготовка на нацрт текстови за измена и дополнување на закони заради дигитализација на процесите. Веднаш по оваа активност ќе следи формирање и на работна група составена од ИТ инженери од редот на вработените во надлежните министерства, чија цел ќе биде координација и следење на развој на дигитализација на процесите. Преку овие мерки ќе создадеме услови да се намали човечкиот фактор при одлучување во административни постапки,
бидејќи колку е помал просторот за човечко влијание, толку е помала и веројатноста за самоволие при постапување и коруптивни дејствија. Со овие мерки веруваме дека ќе ја намалиме и административната бирократија во однос на достава на докази до надлежни органи, така што оние докази кои веќе постојат во базите на органите ќе бидат повлекувани по службена должност токму преку употреба на Националната платформа за интероперабилност. Дополнително, со изводот од содржани податоци во
Централен регистар на население, ќе се заменат копиите од лична карта или пасош, извод од матичната книга на родени или венчани и државјанството, кои сега се бараат како докази во голем број на административни постапки. Сите овие процеси ќе им помогнат и на надлежните органи за борба против корупција и криминал, бидејќи податоците, кои им се потребни на овие органи за спроведување на конкретни предистражни или истражни мерки ќе им бидат веднаш достапни и ќе бидат точни и ажурни.

Целото интервју прочитајте го на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e