Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, одржа работен состанок со директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски, на којшто беше презентирано функционирањето на новиот Национален регистар за вистински сопственици.
„Го зајакнуваме контролниот механизам и сигурноста во правниот промет на државата.Впишувањето на вистинските сопственици на секое правно лице во регистарот трае до 24 април, а до денеска се впишани 16.720 субјекти. Со ова добиваме вистинска слика за сопствеништвото во бизнис секторот и точен увид кое лице колку компании има во сопственост, кои се тие компании, каде има и колкав удел, дали е претседател на управен одбор и други информации кои ќе придонесат за зајакнување на транспарентноста и спречување на злоупотреба за криминални цели.“ – посочи Николовски по средбата.
„Оваа прилика ја искористив да упатам и честитки до Централниот регистар, добитник на Мерит наградата за иновативност доделена од Светскиор форум на корпоративни регистри. Борбата против корупцијата е ставена највисоко во агендата на оваа Влада. Продолжуваме заеднички, неселективно и одлучно“, порача вицепремиерот потенцирајќи дека, како што рече, граѓаните заслужуваат ефикасни институции со интегритет и општество во кое ќе владее правото!