Надлежните започнуваат со подготовка на системски мерки со цел конечно решавање на состојбата со бесправното сечење на шумите.
„Нелегалната и неконтролирана сеча на шумите претставува сериозна закана врз еко-системот и намалување на шумскиот фонд“, порача денеска вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски по состанокот со Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност, Аница Симонова, раководител на Сектор шумска полиција, Јулијана Николова, генерален директор на Македонски шуми и Сашо Јовановиќ од секторот за шумарство и ловство при МЗШВ.
„На состанокот разговаравме за моменталната состојба, ги детектиравме проблемите и недостатоците со кои се соочуваат институциите. Формиравме координативно тело составено од членови од сите надлежни институции кое во најкус можен рок ќе започне со подготовка на системски мерки со цел конечно решавање на состојбата со бесправното сечење на шумите“, порача Николовски.
„Со комплетно нов, дигитализиран систем и екипирање на институциите ставаме крај на оваа појава и го спречуваме криминалот со неконтролирана сеча и нелегална продажба на огревно дрво“, заклучи вицепремиерот.