„Борбата за здрава животна средина е заедничка и бескомпромисна. Надлежните инспекциски служби и институции ги превземаат сите мерки и постапуваат во врска со случајот со ископ на песок и чакал во скопско Коњаре“ – информираше вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски кој како координатор на инспекциските служби, денеска заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска, беа на терен, каде извршија увид во активностите на испекторатот.
„Активностите следат по прелиминарните анализи на УХМР кои укажаа дека концесијата за објектот ЕУРО ПРОГРЕС ДОOЕЛ е издадена спротивно Законот за води. Случајот детално се истражува, се постапува согласно законите и правилниците а за сите наоди и преземени чекори јавноста ќе биде информирана.“ – вели Николовски.
„Заштитата на животната средина е еден од нашите врвни приоритети, согласно владината рамка Акција21 – за европски стандарди дома. Ги охрабувам граѓаните и медиумите да бидат будни, да продолжат да ги пријават сите појави кои ја загрозуваат средината во која живееме. Институциите се тука да реагираат, заедно да се избориме, да ја заштитиме животната средина!“ – заклучува Николовски.