Борбата против корупцијата е заедничка и во неа активно се вклучуваат и општините, преку исполнување на мерките од Планот за борба против корупцијата, истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
„Имплементацијата на мерките од Планот за борба против корупцијата кои се однесуваат на локалната самоуправа придонесуваат за подобри јавни услуги за граѓаните.
Со реализација на овие мерки влијаеме на подигање на транспарентноста и отчетноста на општините, воспоставување на механизми за спречување на корупција, поквалитетни јавни набавки што води до подобри и навремени услуги за граѓаните“, посочи Николовски.
„Општините се местата кадешто граѓаните секојдневно се обраќаат за услуги што ги засегаат нивните животи, околината кадешто живеат, нивните бизниси.
Секој жител на една општина има право на навремени и квалитетни услуги, има право да знае како и за што општината ги троши народните пари, и да реагира и пријави доколку смета дека има некои нерегуларни постапки“, потенцираше Николовски.
