Најавата дека во 2021 – та година ќе има попис на населението е реална, бидејќи се совпаѓа со датумот за редовен пописи на секоја деценија и за реалните политички агенди.
Вака оцени поранешниот потпретседател на државната пописна комисија, Абдулменаф Беџети, според кој, со цел пописот да не потфрли како во 2011 – та година, потребна е доверба помеѓу партнерите во коалицијата, бидејќи пописот не е само статистичка операција, туку пред се е социјална.
„Политичкиот систем на Македонија стои врз основа на бројки, значи правата на втората етничка заедница и другите, се реализираат врз основа на бројки, а бројките резултираат од попис, значи ова не е само статистичка операција туку е и политичка“. – изјави Абдулменаф Беџети – академик.
Беџети понатаму вели дека треба да се направи некоја онлајн – апликација за попис, со цел да не останат надвор од регистарот граѓани кои привремено работат и престојуваат во странство.
„Ако куќата е затворена и целото семејство е во Германија, тие ќе ја направат апликацијата од далечина. Имајќи ја дата – базата со себе, Комисијата ќе оди и ќе потврди дали адресата постои. Значи, да потврди дали престојот е реален или имагинарен, да не ни излезат како тие престои од Пустец со по 40 лица во еден стан“.- вели Беџети.
Според Беџети, пописот е основа за економски планирања, но и за многу други сфери.
„Без попис можеме да кажеме дека моментално имаме какофонија на податоци и никако не можеме да кажеме дека секоја студија навистина ќе биде реална. Ние статистички го знаеме само природниот раст на населението, но не го знаеме реално и практично. Затоа мислам дека не се става под знак прашање иманентната потреба за ваква операција и тоа што поскоро, но истата треба да биде доверлива, кредибилна и над се неспорна од сите заедници во Македонија“. -смета Беџети.
Од Државниот завод за статистика, институција која ја реализира оваа масовна операција најавија дека овој пат пописот ќе се прави преку така наречената комбинирана метода, што значи дека освен интервјуто во четири очи, ќе се користат регистри на релевантни институции. За реализирање на оваа операција потребни се најмалку 10.000 обучени лица.
Извор: Алсат М