Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, денеска ја почнаа кампањата за превенција во сообраќајот, „Вози одморен“ на Граничниот премин Табановце.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска, претставници од МВР и екипите на општинскиот совет за безбедност на сообраќајот поделија летоци, вода за возачите кои влегоа во државата. Надлежните им укажаа дека е многу важно да прават паузи, да се освежат и безбедно да го продолжат патувањето.
Спасовски посочи дека кампањата почнува на влезот во државата, на ГП Табановце кој е еден од најфреквентните премини во државата, влегуваат многу возила особено за време на летните месеци. Лани, во јули и август, подвлече, имало најголем број на сообраќајни несреќи со последица смрт, во јули 2020 имало 17, а август 19 жртви. До денеска, соопшти министерот во јули има шест жртви во сообраќајни незгоди.
– Наша крајна цел е да што е можно повеќе да се намали овој број. Секако дека и превентивното делување и соработката што ја имаме РСБСП, секојдневните контроли даваат резултати. Генерално статистиката е најдобра во последниве 30 години во делот на сообраќајот и затоа ќе продолжиме понатаму во континуитет да работиме во намалувањето на прекршоците и сериозните последици од сообраќајот. Апелирам до граѓаните, учесниците во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и на тој начин се штитат себе си, семејствата, блиските луѓе и генерално граѓаните на нашата земја, заради тоа што безбедноста во сообраќајот, значи зачувување на човечки животи, рече министерот Спасовски.
Тој апелираше да се подигне свеста при учеството во сообраќајот и нагласи дека секој може да придонесе да се подобрат резултатите. Најави дека континуирано ќе работат и превентивно, репресивно, со контроли, што ќе придонесе за зголемување на безбедноста.
– Оваа превентивна кампања ја работиме заедно со нашите партнери РСБСП и нашето денешно присуство заедно и јас и заменикот, началниците, претседателката на советот, говори за важноста на овој настан и за важноста на кампањата. Кампањата е под мотото „Вози одморен“, бидејќи сметавме дека мора тука да ја кренеме свеста и сметаме дека многу е важно возачите и учесниците во сообраќајот да бидат одморени, изјави Спасовски.
Министерот Спасовски рече дека работат превентивно на јакнење на свеста кај учесниците во сообраќајот, користат и репресивни мерки, сè со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
МВР, нагласи Спасовски, континуирано работи на контроли во сообраќајот, за да се намали бројот на сообраќајни последици, на сообраќајните незгоди со смрт, повреди, материјални штети и намалување на бројот на прекршоци во сообраќајот. На овој начин, смета тој, се зголемува безбедноста на сите граѓани-учесници во сообраќајот.
Кожуваровска оцени дека на делницата од Табановце до Гевелија возачите патуваат повеќе часови, не се одмараат на два часа по 15-тина минути, при што заморот се зголемува, а опаѓа концентрацијата и се случуваат сообраќајни несреќи во кои има и тешко повредени лица, а понекогаш се со фатални последици. Таа додаде дека се случува и возачот да заспие на управувачот.
– Апелирам до возачите да внимаваат, да не го занемаруваат заморот, да бидат одморени, наспани, бидејќи во овие временски услови, летни високи температури, негативно делува и температурата и заморот. Ако во одреден временски период почувствуваат замор, да застанат да одморат, да се освежат со безалкохолен пијалак и вода, рече Кожуваровска.
Одговарајќи на новинарско прашање дека има грешки во летокот на албански јазик, заменик министерот, Назим Буши истакна дека е добро што се апелира и им се укажува на возачите да одморат и на албански јазик и за одговорно возење додека претседателката на РСБСП, Кожуваровска рече дека флаерите се на РСБСП, изработени се на шест јазици.