Членството на земјата во Алијансата ќе се ефектуира откако ќе биде целосно завршен процесот на имплементација на договорот за името со Грција, се наведува во нацрт-декларацијата.
Земјите-членки на Алијансата се согласни да го испочитуваат ветувањето од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и да испратат покана за членство на Македонија. Нацрт-верзијата на заклучокот од самитот во Брисел недвосмислено наведува дека Македонија треба да започне преговори за членство.
„Во 2008 одлучивме дека НАТО ќе ѝ додели покана на ПЈРМ за влез во Алијансата штом се изнајде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. Го поздравуваме историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за решение за спорот за името. Во согласност со нашата политика решивме да ја поканиме владата во Скопје да започне преговори со Алијансата”, се наведува во нацртот кој треба да се официјализира по состанокот на шефовите на држави и влади кој почнува попладнево во Брисел. Заклучоците ќе ги обзнани генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференција најавена за 17 часот.
Извор: Дојче Веле