Во партиските штабови на опозицијата гласно се зборува дека делегатите веќе ги даваат своите потписи за тој на кого му намигнува досегашниот претседател Никола Груевски, а извори од партијата велат дека окото на Груевски најмногу трепка за генералниот секретар Христијан Мицковски.
Пишува Мартин Богатиноски за Слободен Печат
Како што се зборува во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ, досегашниот лидер Груевски веќе има избрано свој миленик за свој наследник, па целата енергија е насочена да се исполни неговата желба. Политичките аналитичари предупредуваат дека до Конгресот во партијата ќе се појават многу интереси, безброј прегрупирања, чудни внатрепартиски коалиции, а како што велат, можни се и фракции.
Притисоци, закани, уцени, измами
Единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Т. Петровски, кој отворено соопшти дека ќе влезе во битката за лидерската позиција на најголемата опозициска партија, за „Плусинфо“ изјави дека веќе ја има потребната поддршка од делегатите, но истовремено се соочува и со огромен притисок и со закани.
– Се врши невиден притисок врз делегатите. Има и закани дека ако не гласаат за фаворитот на Палатата, делегатите ќе мора да се соочат со својот крај на политичката кариера. Наспроти заложбите да се одржи Конгрес во демократска атмосфера, имам сериозни сомнежи дека на 23 декември ќе има регуларно гласање, бидејќи не ги оставаат делегатите слободно да размислат за кој кандидат да го дадат својот глас – вели Петровски.
На прашањето кој врши притисок врз делегатите, Петровски вели дека засега нема јавно да го открие неговото име, но додава дека станува збор за еден од кандидатите кој има поддршка само од раководството, но не и од поширокото членство.
Сепак, во партиските штабови на опозицијата гласно се зборува дека делегатите веќе ги даваат своите потписи за тој на кого му намигнува досегашниот претседател. Извори од партијата велат дека окото на Груевски најмногу трепка за генералниот секретар Христијан Мицковски. Партиски извори тврдат дека Груевски, и покрај тоа што е поразен, сè уште има висок рејтинг во опозицијата, а посочуваат дека единствениот кој може да го загрози неговиот рејтинг е обединетата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, која се договара да оди само со еден кандидат. Таму борбата е меѓу Антонијо Милошоски и Илија Димовски.
Поранешниот лидер Груевски се огласи по обвинувањата за наводни притисоци и закани во пресрет на изборот за нов партиски претседател. На социјалните мрежи им порача на кандидатите да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени и измами.
„Посебно сакам да нагласам дека ако постои злоупотреба на моето име како долгогодишен претседател на партијата, во контекст на собирањето потписи за поддршка и во контекст на гласањето, треба да е јасно дека станува збор за лажно претставување и информирање, па доколку тоа е пресудно при носењето одлука за поддршка, треба да се одбие давањето глас“, напиша Груевски.
Тој соопшти и дека не овластил никого од кандидатите да се повикува на неговата, како што вели, наводна ексклузивна поддршка заради собирање потписи или гласови.
Внатрепартиски коалиции и фракции
Кандидатите за избор на лидер во ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да си ја кренат цената во очите на членството и делегатите претставувајќи се како жртви на јавни притисоци, закани и уцени, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
– Јасно е дека многу луѓе се со аспирации да бидат лидери и дека ќе направат сè што е потребно за да ја добијат таа функција. Единствено поради тоа не треба да изненади борбата со непримерни средства, кои овозможуваат полесно добивање на најпосакуваната позиција. До крајот ќе има многу интереси, прегрупирања, чудни внатрепартиски коалиции, а главната цел ќе биде да победи одреден кандидат. Сепак, не верувам дека Конгресот во Валандово ќе биде нелегален, бидејќи секој од делегатите сам одлучува за кого ќе гласа. Лобирањата ќе бидат пред гласањето, но сметам дека нема да има проблеми и посериозни инциденти – вели Пекевски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, вели дека заканите и притисоците се нормална работа во очи на борбата за власт во партијата. Посочува дека Конгресот ќе биде легален само ако сите членови на партијата го признаат резултатот.
– И покрај тоа што секое можно сценарио е во игра, сепак, не верувам дека ќе се поделат делегатите и дека неколку членови ќе направат посебен конгрес. Нормална појава е тоа што слушаме како кандидатите за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат да си вадат очи меѓу себе. Сето тоа е нормално кога се избира нов претседател на партијата. Ако се сеќавате на конгресот на кој Груевски беше избран за лидер, тогаш со џипови ги одвојуваа за да не се заколат. Сегашната тензија е нормална спроти борбата за власт. Секако дека непријатни се заканите и притисоците, но најважната работа за ВМРО-ДПМНЕ е да не добие клон на Груевски – вели Арсовски.
Груевски се враќа во банкарството?
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најверојатно ќе стави крај на својата политичка кариера и ќе му се врати на банкарството, тврдат негови блиски соработници. Како што неофицијално дознаваме, тој наводно целосно ќе се повлече од политиката и воопшто нема да се меша во натамошното функционирање на партијата. Неговите соработници тврдат дека Груевски ја чека разврската на судските случаи што против него ги поведе СЈО, а по докажувањето на невиноста, тој планира целосно да му се посвети на семејството и на банкарството.