Реформата на јавните финансии се интензивира. До крајот на 2019 година се очекува да се финализира новиот Закон за буџети. Ова беше истакнато денес на Четвртиот дијалог за реформи во управување со јавните финансии во Министерството за финансии, со кој претседаваше министерката за финансии Нина Ангеловска.
“Дел од амбициозната агенда опфатена со програмата за реформи е и интегрираниот информациски систем за управување со финансиите кој ќе овозможи подобро следење и извршување на сите фази на јавното трошење на буџетските корисници – од набавка до исплата. Процесот е во завршна фаза на мапирање и креирањето на техничката документација се очекува до крајот на 2019 година” – рече Ангеловска на средбата.
На средбата се разгледуваше реализацијата на реформите предвидени со Програмата за реформи во јавните финансии. На истата присуствуваа и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини, заменик министерката за финансии Ширет Елези, директорите на Управата за јавни приходи, на Државен завод за ревизија и Државен завод за статистика, експерти, претставници од релевантни институции и од невладиниот сектор