Тројцата кандидати за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река доколку бидат избрани на функцијата ќе се заложат за укинување на привилегиите што ги има претседателот на државата и за надминување на поделеноста и партизираноста на општеството.
Река на првата дебата на ТВ Телма порача дека очекува и Македонците да гласат за него, а Силјановска Давкова посочи дека на изборите не гласаат партите, туку граѓаните поради што ќе ги претставува сите и тоа го смета како вистински залог за помирување. Пендаровски, пак, смета дека поддршката што ја има од широк спектар на граѓани му дава легитимитет да повика на обид на намалување на поделбите и најави дека наместо лидерски средби ќе воспостави форум за натпартиски дијалог во претседателскиот кабинет за сите болни точки во кој ќе учествуваат сите граѓани.
Река посочи дека ќе ја затвори претседателската вила на Водно доколку биде избран за претседател и парите за нејзино одржување ќе ги пренасочи за амбуланти, детски градинки и училишта, ќе формира советодавен орган од сите заедници во државата кој на месечна основа ќе ги следи сите текови во државата.
Силјановска Давкова ќе побара од пратениците да ги сменат решенијата од законот за привилегиите на претседателот на државата, а во сите тела каде има овластувања ќе се опкружи со стручни и компетентни луѓе и ќе го спроведува мотото – правда, право и морал.
Пендаровски порача дека на максимум ќе ги редуцира привилегиите на претседателот кои не соодветствуваат со скромните ресурси на државата, како што се обезбедувањето, а првиот ден ќе ги повика и сите вработени во кабинетот и ќе им соопшти дека додека е на функцијата кон никого нема да има никаков партиски реваншизам.