На самитот на ЕПП усвоена проблематична резолуција за Северна Македонија

Политичката резолуција што ја усвои Европската народна партија, која деновиве заседаваше во Ротердам, стана повод за препукувања меѓу власта и опозицијата за блокадата на евроинтеграцијата на Македонија. Во Резолуцијата се вели дека преговарачката рамка за почетокот на преговори за членство не е усвоена, бидејќи Скопје не го реализирал Договорот за добрососедство со Бугарија. На самитот на ЕПП, каде членува и ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваше и претседателот на партијата Христијан Мицкоски, а СДСМ обвини дека тој не реагирал на текстот на Резолуцијата, што ги отсликувал бугарските ставови.

„Додека дома блокира се што е во интерес на граѓаните Христијан Мицкоски надвор ги поткопува државните позиции. Го повикуваме лажниот патриот Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори зошто ова и го прави на сопствената земја и на сопствениот народ?“, изјави Дарко Каевски – портпарол на СДСМ.

Во Резолуцијата, што ја усвоија најголемите десно-центристички партии на континентот, уште се додава дека во Македонија треба да се случи историско помирување поради поделбите меѓу етничките групи, особено со граѓаните со бугарски идентитет.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска не одговорија конкретно дали гласале за Резолуција, туку истакнаа дека СДСМ спинува, со цел да се прикријат неуспесите на дипломатијата.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше јасно кажан и на Конгресот на ЕПП, дека Македонија заслужува итно отпочнување на преговорите и дека не треба да се задираат идентитетски прашања. СДСМ поради кусогледост и болна амбициозност на нејзината врхушка им удоволи на оние кои го негираат македонскиот идентитет. Наместо за европски и демократски вредности, СДСМ ги стави во договорната рамка историските и идентитетските прашања, кои сега се камен околу вратот на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Димитар Ковачевски пак, вчера негираше дека постои нацрт документ за преговарачка рамка во која се содржани сите бугарски барања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e