На повидок ли е нов дипломатски скандал меѓу Македонија и Србија откако во српските медиуми осамнаа наслови од типот Ново предавство: Македонија ќе гласа за Косово во Интерпол“. „Ништо од пријателството: Македонија ѝ забива нож на Србија“. Ова се само дел од написите кои се појавија по интервјуто во „Вечерње новости“ на Иван Стоилковиќ, пратеник во македонското Собрание и претседател на Демократската партија на Србите (ДПС) во Македонија, објавено под наслов „Следи нова „војна“ на Белград и Скопје“.
Стоилковиќ во интервјуто вели дека и покрај инсистирањето не добил одговор дали Македонија ќе гласа за Косово во Интерпол како што не добил ниту за скандалот поради кој официјален Белград го повлече својот персонал од амбасадата во Скопје.
Осврнувајќи се на актуелните случувања оценува дека Предлог законот за јазиците води кон федерација на државата иако истиот тој учествуваше на комисиската расправа на која се разгледуваше првото читање и им порача на пратениците од албанските партии дека ги поддржувал до сега , но бараше истото што важи за албанскиот да важи и за српскиот и останатите јазици.
„Уште еднаш да се погледнеме, да станам, јас сум единствениот Србин пратеник во Собранието на Република Македонија кој досега ги поддржал сите закони кои значат и носат подобрување на правата на Албанците“, изјави Иван Стоилковиќ.
„Што повеќе слободи и поголеми права да има посилна е и државата и ви гарантирам и верувам и вие истото треба да го направите. Значи воопшто да не сеете ваков вид на страв меѓу граѓаните на Република Македонија“, вели Весел Мемеди.
Македонија до крајот на септември ќе мора да се изјасни за приемот на Косово во Интерпол, одлука од која ќе зависи какви ќе бидат понатамошните односи со Србија . Изјава која ја даде и српскиот претседател Вучиќ. Од Владата пак велат дека се уште траат консултациите и дека финалната одлука ќе биде донесена десетина дена пред гласањето, односно пред да биде закажано Генералното Собрание на Интерпол, кое ќе трае од 26 до 29 септември а ќе се одржи во Пекинг.
Реакциите на српските медиуми доаѓаат непосредно пред посетата на Заев во Белград кој беше поканет од страна на неговата колешка премиерот на Србија Ана Брнабиќ но засега се уште нема конкретни термини. Српската премиерка Брнабиќ пак вчера ја прими и македонската амбасадорка Вера Јовановска Типко а на средбата се разговарало за натамошното јакнење на добрососедските односи меѓу двете земји.
Извор: 24 телевизија