Денеска, за прв пат, потпишан е Колективен договор со кој се уредуваат статусот, правата, обврските и одговорностите на вработените во МЗШВ и на службените лица во Шумската полиција.
Актуелниот вицепремиер за борба против корупција, инаку поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски кој всушност кога беше на чело на ресорното министерство го отпочна овој процес оценува дека на овој начин е отворен нов фронт во борба против нелегалната или дива сеча на дрва .

„Отворивме нов фронт во борба против нелегалната или дива сеча на дрва и ова е чекор напред. Преземаме мерки и интензивно работиме на нов план за трансформација на претпријатието за шуми, јакнење на инспекторите и нов систем во кој не се можни злоупотреби. “- смета Николовски.
„Лично, особено ми е драго што се реализира еден процес кој го започнав како министер за земјоделство. Влијае на зголемување на мотивираноста на шумските полицајци, како и нивната положба, со што ќе допринесе и во борбата против нелегалната сеча и заштитата на нашите шуми.“ – вели Николовски.

Тој појасни дека со Колективниот договор системски се регулираат правата и обврските за личен доход кај овластените службени лица во Шумската полиција.
„За првпат се регулира и правото за добивање на додаток од 30%, како Овластени службени лица, секако поради видот, природата и сложеноста на работите што се извршуваат како и посебните услови под кои работат“, потеницра Николовски.