МОН е подготвен да се откаже од инвестициите за да ги зголеми платите на наставниците

Министерот за образование и наука рече дека е подготвен да направи отстапки од планираните инвестиции со цел да им излезе во пресрет на барањата на наставниците.

– Како министер за образование и наука подготвен сум да направам отстапки од повеќе инвестициски и други активности кои се дефинирани во програмата за работа на МОН за оваа календарска година, а кои предизвикуваат фискални импликации, се’ со цел да се обезбедат повеќе средства со кои ќе се доближиме до процентот на покачување на платите на наставниците кој го бара СОНК. Ова го побарав и од другите министри во Владата и во истото гледам опција преку која би можеле да постигнеме решение во рамки на социјалниот дијалог со синдикатот, рече Шаќири.

Тој е оптимист дека до крајот на оваа недела ќе биде постигнат договор и ќе се изнајде системско решение со кое платите на вработените во областа на образованието ќе растат со секое покачување на минималната плата, што всушност е и едно од барањата на СОНК, со оглед на тоа што е најавено нејзино покачување и во 2023 и 2024 година.

– Владата ќе достави предлог до синдикатот, кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава. Оваа влада во неколку наврати ги зголеми платите на наставниците и тоа по 5% во 2018 и 2019 година и во 2022 година за 10%, на кои се додава и минат труд и така кумулативното зголемување е за над 21%. Така што и овој пат ќе се договориме и ќе излеземе во пресрет на наставниот кадар, рече министерот.

Околу 25 000 просветни работници и вработени во градинките трет ден се во генерален штрајк.

Претседателот на СОНК на социјалнте мрежи изрази верување дека денеска ќе бидат повикани на преговори.

„Нека денешниов ден, среда, биде среќен ден за сите нас. Да се надеваме дека денес ќе бидеме повикани на преговори и ќе ни биде дадена разумна понуда. Дотогаш, Среќно!“, напиша претседателот на СОНК, Јаким Неделков на социјалните мрежи на третиот ден од штрајкот на вработените во образованието.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e