МНР со жалба против медиумите кои „го преселија“ Димитров во Америка

Министерството за надворешни работи поднесе жалба до Советот за етика во медиумите против пет портали, кои објавија гласини дека шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ќе си оди од Македонија за да работи во САД откако го променил името.

„Денес до „Советот за етика во медиумите“ Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија поднесе жалби кои се однесуваат на новинарски текст првично објавен на веб порталот Магазин.мк со наслов „Никола Димитров во јуни “си бега“ од земјата на која ѝ го смени името“ на 7 мај 2019 година, а врз основа на којшто се објавени текстови со слична содржина на порталите: Инфомакс, Република, Скопје24 и Денешен весник.
Посочените текстови се служат со неточно и нефер известување, пристрасност во информирањето, незастапена втора страна, навреда и клевета. Притоа ги прекршуваат основните новинарски начела за одбраната на човековите права, достоинството и слободата, почитувањето на плурализмот на идеите и ставовите. Воедно, таквото известување е во спротивност со низа принципи утврдени во Кодексот на ЗНМ“, се вели во соопштението на МНР.

Од таму сметаат дека подобрувањето на состојбите во сферата на медиумските слободи, справувањето со феноменот на лажни вести и справувањето со говорот на омраза, претставуваат суштински заложби во насока на реализирање на евроатлантската иднина на нашата држава која е во фокусот на работата на Министерството за надворешни работи.

Кабинетот вчера наедно ги демантираше и гласините дека воопшто ќе си замине од функцијата министер за надворешни работи, откако дел од медиумите пренесоа дека промените во државниот врв ќе го опфатат и него.

– Грдото лице на старата (анти)политика што живее само во услови на страв и несигурност ќе биде минато. Старата “политика”, понекогаш изгледа се изразува преку “новинари”. Употребувам наводници бидејќи не знам дали смеам да ги нарекувам новинари тие кои не разликуваат факт од мислење, кои не проверуваат наводна “информација”, кои не ја бараат директно засегната страна, кои учествуваат во линч на личност или создаваат омраза, кои објавуваат чисти лаги, објави истовремено Димитров на својот профил на „Фејсбук“.

Извор: Фактор

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e