-Доколку Законот за работни односи не беше блокиран неделата веќе ќе беше неработен ден, истакна координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески во гостувањето во „Утрински брифинг“, коментирајќи ја работата на Собранието. Тој очекува ова законско решение веќе да не биде блокирано и да се откочи работата на Комисијата за труд и социјална политика.
-Законот за работни односи за недела неработен ден е влезен уште во септември во Комисијата, но поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ не успеа тој закон на комисија да помине и да биде изгласан на пленарна седница уште во септември. Денеска чекувам неформална средба со координаторите и се надевам наскоро ќе помине во Комисијата за труд и социјална политика. Важен закон за подобрување на статусот на работниците е и Законот за минимална плата кој е на предлог на СДСМ. Јас очекувам тој да не биде блокиран и минималната плата да се зголеми на 18 илјади денари. И претходниот пат кога сме зголемувале плата ние сме го правеле тоа во дијалог со синдикатите и стопанствениците, рече Митрески.
Тој додаде дека пред пратениците на пленарна седница ќе се најдат 56 законски решенија, а денеска се очекува да се усвојат и три одлуки за продолжување на кризна состојба. Митрески не очекува нова блокада од страна на пратениците од опозицијата, судејќи по договорот од неформалните состаноци на координаторите на пратеничките групи.
