Мираковски: Државата треба да се грижи за одржување на системите за мониторинг на аерозагадувањето

Државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух, која ја има воспоставено МЖСПП, според големината на територијата и популацијата на одделните земји е споредлива на регионално ниво, како од аспект на просторната покриеност така и од аспект на обемот на загадувачки материи што се следат. Сепак, слабата кондиција на старите и често несоодветно или недоволно одржувани инструменти резултира со чести испади на делови од станиците од суштинско значење, а долгите периоди на сервисирање водат и до голема загуба на податоци.

Обезбедувањето соодветно ниво на финансирање и редовна замена и одржување на постојните системи за мониторинг се од круцијално значење за обезбедување целосни и навремени информации за оцена на квалитетот на воздухот во зоните што се набљудуваат, поради што овие процеси би требало да бидат императив за државните органи што управуваат со овие системи.

Ова во разговор за МИА го вели професор Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Според него, не може да се игнорира и очигледната потреба од понатамошен развој и проширување на државната мониторинг-мрежа, како од аспект на покриеноста (вклучување на сите поголеми урбани средини) така и од аспект на вклучените загадувачки материи (задолжително вклучување на фината фракција на суспендирани честички – ПМ 2,5, како и анализа на содржината на некои метали или органски загадувачки материи во суспендираните цврсти честички).

– Воведувањето нови технолошки решенија со намалени трошоци на одржување или хибридни мрежи со комбинации на технологии на мониторинг и повремено контролирани локации би можеле да обезбедат соодветен баланс помеѓу потребите и можностите на нашата држава, смета професор Мираковски.

За платформите, како „Мој воздух“, во основа се, вели, агрегатори (собирачи), а не извори на податоци. Конкретно, оваа платформа собира податоци од различни извори и ги прикажува информациите во формат прифатлив за пошироката јавност. За жал, проблем е интерпретацијата на податоците од страна на корисниците, која често ненамерно или намерно е погрешна.

– Оцената на квалитетот на воздухот во одредени временски периоди е сепак посложена активност и бара одредени предзнаења, па донесувањето заклучоци и препорачување на мерките за заштита на населението сепак би требало да биде оставено на надлежните институции или професионалните здруженија, вели професор Мираковски.

Мираковски работи како редовен професор на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а во моментот ја извршува функцијата проректор за развој и инвестиции при УГД. Автор или коавтор е над 150 научни публикации и учесник во над 80 (осумдесет) апликативни и научноистражувачки проекти, како истражувач, проект-менаџер, проектант, проектен инженер или соработник. Тој е раководител на оддел во лабораторијата АМБИКОН, која повеќе од една деценија се специјализира за анализи на загадувачки материи во амбиентот, со најсовремени методи на земање примероци и рендгенски анализи и електронска микроскопија. Лабораторијата од 2014 е акредитирана согласно ISO 17025 за анализи на примероци од животната средина, а со своите специфични услуги има изградено долготрајна соработка со најреномираните индустриски и услужни компании во државата и регионот (Србија, Бугарија, Косово и Албанија). Со над 2000 индивидуални анализи, поседува голема база научноистражувачки податоци, а подолг временски период, оперира независна мониторинг мрежа со самостојно развиени системи во градовите каде нема или не е целосно развиена државната мрежа.

МЖСПП е одговорно за релевантно мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во земјава. Колку е таа мрежа задоволителна за добивање релевантни податоци?

– Практиката надлежните државни органи да воспоставуваат мрежи на мониторинг на сите медиуми на животната средина, да прибираат и да обработуваат податоци и за резултатите да ја известуваат јавноста и другите државни институции, надлежни за заштита на животната средина и здравјето на населението, е вообичаена на европско и светско ниво. Заради точноста и објективноста на информациите, како и нивната меѓусебна споредливост, овие мрежи се развиваат и функционираат исклучиво во согласност со строги прописи и стандарди, со јасна намена на секој елемент од мрежата, а во согласност со стратегијата на мониторинг што ја има дефинирано надлежната институција.

Државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух, која во согласност со позитивните законски прописи во нашата држава, кои патем се речиси целосно усогласени со прописите на ЕУ што го покриваат оваа подрачје, ја има воспоставено МЖСПП, во моментот вклучува 18 автоматски станици. Најголем дел од овие мониторинг-станици го следат урбаното заднинско загадување, а неколку урбаниот сообраќај, индустриското и регионалното загадување. Најголем број станици со различна намена се лоцирани во агломерацијата Скопје, вкупно седум, додека останатите се лоцирани во урбаните индустриски центри во внатрешноста, како Битола, Куманово, Тетово, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Кочани и Струмица. Регионалната станица е лоцирана во Лазарополе, како зона надвор од влијанијата на локалното загадување на воздухот. Речиси сите станици вклучуваат референтни системи за автоматски мониторинг на повеќе загадувачки материи, како суспендирани честички – фракција ПМ 10, озон (O3), сулфур диоксид (SO2), азотен диоксид (NO2), јаглерод моноксид (CO), а дел од нив и суспендирани честички – фракција ПМ 2,5.

На европско ниво, убедливо најразвиени системи имаат економски најмоќните земји во ЕУ, како Франција и Германија со близу 900, односно 500 мониторинг-локации. Од зeмјите во регионот најекстензивни системи поседуваат Хрватска со околу 50 мониторинг-станици, Србија со 45 станици, а потоа следуваат Грција со околу 40 и Бугарија со 32 станици.

Очигледно е дека ако се земат предвид големината на територијата и популацијата на одделните земји, нашиот државен систем е споредлив на регионално ниво, како од аспект на просторната покриеност така и од аспект на обемот на загадувачки материи што се следат.

Сепак, слабата кондиција на старите и често несоодветно или недоволно одржувани инструменти резултира со чести испади на делови од станиците од суштинско значење, а долгите периоди на сервисирање водат и до голема загуба на податоци. Нецелосната покриеност со точни податоци резултира со целосна загуба на основната функција на системот за мониторинг, а тоа е оцена на квалитетот на воздухот во зоната на мониторинг. Покрај тоа што мора да се признае дека трошоците за инсталација, а посебно за одржување на ваквите системи се доста високи, сепак обезбедувањето соодветно ниво на финансирање и редовна замена и одржување на постојните системи за мониторинг се од круцијално значење за обезбедување целосни и навремени информации за оцена на квалитетот на воздухот во зоните што се набљудуваат, поради што овие процеси би требало да бидат императив за државните органи што управуваат со овие системи.

Исто така, не може да се игнорира и очигледната потреба од понатамошен развој и проширување на државната мониторинг-мрежа, како од аспект на покриеноста (вклучување на сите поголеми урбани средини) така и од аспект на вклучените загадувачки материи (задолжително вклучување на фината фракција на суспендирани честички – ПМ 2,5, како и анализа на содржината на некои метали или органски загадувачки материи во суспендираните цврсти честички). Воведувањето нови технолошки решенија со намалени трошоци на одржување или хибридни мрежи со комбинации на технологии на мониторинг и повремено контролирани локации би можеле да обезбедат соодветен баланс помеѓу потребите и можностите на нашата држава.

Кој систем на мерење на квалитетот на воздухот се применува во нашата земја?

– Основната поделба ги дели методите за мерење на загадувачките материи во две големи групи, и тоа методи со индиректно и директно одредување.

Првата група методи подразбира земање примерок од воздухот на дадена локација и последователно одредување на концентрациите на загадувачките материи во лабораторија. Овие постапки бараат користење многу прецизни мерни уреди, а сите постапки и пресметки се строго дефинирани со референтните меѓународни стандарди. Овие методи на мерење во основа се користат за научни истражувања и специфични анализи на некои материи, бидејќи обезбедуваат можност за прецизно одредување голем број параметри, како на пример одредување многу мали концентрации на гасови или суспендирани цврсти честички, но и морфологијата (формата и структурата) или хемискиот состав на суспендираните честички.

Бидејќи овие методи на мерење се во основа бавни и комплексни процеси, како и поради потребата од добивање податоци во реално или приближно реално време, другиот пристап подразбира постапки на мерења што се базираат на директно читање на концентрацијата на загадувачките материи во воздухот. Вакви целосно автоматизирани системи вообичаено се користат во државните мониторинг-мрежи, со тоа што нивните мерни уреди мора да бидат базирани на референтните методи на мерење или да имаат докажана еквивалентност со референтните методи. Овие комплексни уреди вообичаено се опремени со системи за подготовка на влезниот воздух (контрола на влажноста и температурата), сензори за амбиентните параметри, како и уреди за складирање и трансфер на податоците, а нивната прецизност на одреден приод (најчесто автоматски) се проверува во однос на референтна вредност (еталон). Со тоа се обезбедува точно одредување на концентрациите на загадувачките материи, во сите услови и за целиот период на користење.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e