Министерката Тренчевска додели лиценца за спроведување на услуги во домот за стари и лица со попреченост во Струмица

На околу 60 лица од Струмица со најтешка попреченост, односно комбинирана попреченост со највисок степен, потполно слепи лица, стари лица со навршени 65 години живот и други лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе од денеска им е достапна услугата помош и нега во домот. Услугата ќе ја обезбедуваат лиценцирани негуватели кои минаа низ серија стручни обуки, а лиценцата за вршење на оваа дејност на „Отворено срце“ денеска ја врачи министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Таа истакна дека услугата помош и нега во домот е дел од социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика, преку која за прв пат се вклучуваат надворешни партнери преку општините во давањето на социјални услуги. Здравствената установа ПУЗС „Отворено Срце” стана партнер на Министерството за труд и социјална политика за услугата помош и нега во домот заедно со Општина Струмица.

-Убедена сум дека успешните приказни ќе продолжат и дека среќните лица на корисниците ќе ги поттикнат организациите, како и општините да се пријавуваат на следните повици за развој на социјални услуги на Министерството за да им го подобрат животот на граѓаните во своите општини. Горда сум што преку Проектот за подобрување на социјални услуги обезбедуваме и стручна помош и поддршка на нашите највозрасни граѓани во нивниот дом, но, исто така сум среќна што на овој начин се отвораат и нови работни места. Општина Струмица е една од 27-те општини каде се спроведува овој проект, рече Тренчевска.

Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов изрази задоволство што услугата е достапна сега и во Општината.

-Заедно со ПУЗС „Отворено Срце“ ќе работиме во насока на обезбедување најквалитетни услуги, да се подобри пристапноста и квалитетот на социјалните услуги што ќе им бидат понудени на старите лица, немоќните и лицата со инвалидитет во Општина Струмица. На овој начин систематски влијаеме на намалување на проблемите и нивно решавање на истите преку развој на локални социјални партнерства меѓу засегнатите страни во заедницата, истакна Костадинов.

За значењето на соработката и партнерствaтa за спроведување на услугата помош и нега во домот зборуваше и Стефанија Манасиевска, директорка на ПУЗС „Отворено Срце”, која подвлече дека даваат активен придонес во севкупните напори на Општината за поддршка на старите лица уште од самиот почеток на своето работење.

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика досега се поддржани вкупно 22 проекти во 27 општини. Најголем дел од овие проекти-16, се наменети за помош и нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина и за услуги за советување. За давање на услугите обучени се околу 300 лица, а се очекува да бидат опфатени повеќе од 1.100 корисници.

Инаку, министерката Тренчевска одоговарајќи на новинарско прашање кога во Струмица ќе биде отворена новата градинка, која треба да згрижува 350 деца, одговори дека очекува таа наскоро треба да биде предадена во владение на Општината и да почне со работа со новата учебна година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e