За десетина дена Министерството за труд и социјална политика ќе почне да ја спроведува реформата наречена деинституционализација – долгогодишен процес кој ќе ги „вади“ децата и луѓето од институциите како што се: „Специјален завод Демир Капија“, Заводот „Бања Банско“, Домот за доенчиња во Битола, ЈУ „25 Мај“, а понатаму и од старските домови и психијатриските болници. Ќе бидат опфатени деца без родители, деца со нарушено поведение, деца и возрасни лица со физичка и ментална попреченост… Први ќе излезат 25 деца од „25 Мај“, установата која во февруари предизвика револт во јавноста, откако се објави дека 13-годишно девојче, сместено таму, абортирало како жртва на сексуално злоставување и трговија со луѓе. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во интервју за „Независен весник“ објаснува каде и како во иднина ќе се сместуваат штитениците на сегашните гломазни, нехумани и нефункционални институции.
Кога ќе почне и како ќе се спроведува деинституционализацијата? Најавивте реформа што ја имаше и порано, но некако не профункционира?
-Деинституционализацијата во Македонија почна уште во 2005 година. Имало први обиди и во тие обиди е создаден Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака“ Неготино (основан од родители кои сакале да создадат подобри услови за нивните деца со попреченост), при што околу 80 луѓе биле префрлени од Демир Капија во Неготино. Има единица и во Скопје, во Визбегово. Тоа е нешто што се случувало во минатото, но затаи, затоа што не било системски добро поставено. Во емотивен налет ги извадиле луѓето од „Демир Капија“, но десет години се останало на тие 80 луѓе. Ние го обновуваме процесот и ќе го водиме така да не застане во ниту еден момент. Оперативниот план е за 2018 година. При крајот на 2018 ќе донесеме план и за следните три години. Ќе одиме чекор по чекор, за да ги видиме ефектите. Нашата заложба е до 2020 година да нема деца во институциите, туку да бидат сместени во мали единици што ќе ги почитуваат човековите права и ќе се грижат за квалитетен раст и развој на децата. Политичка волја постои, постојат одредени капацитети и Владата има лидерска позиција во тој процес.
Од кои институции ќе излезат првите деца и каде ќе ги сместите?
-ЈУ „25 Мај“ прва ќе се трансформира, сега во јуни. Во еден налет ќе ги извлечеме сите 25 деца , во пет групи по пет деца и ќе бидат сместени во мал групен дом во Скопје. Станува збор за деца со нарушено поведение, со воспитно-социјални проблеми. За голем дел од нив некогаш имаме потреба од интервенција на лекар психијатар, на психотерапевт, кои и претходно работеле со нив. Затоа е добро првата група да остане во Скопје. Во оваа реформа се вклучени и вработените и децата. Нивната подготовка е почната пред месец и пол. Исто така во јуни, од Демир Капија во Неготино ќе се преселат седум деца со тешка и најтешка попреченост. Ќе бидат сместени во мали единици каде што ќе имаат 24-часовна грижа и квалитетот на таа грижа ќе биде подобар. Во меѓувреме, ги подобруваме условите во Демир Капија – ги реконструиравме тоалетите, ставивме нови креветчиња, почна да се чисти. Некои работи може да се постигнат и само ако вработените се посветени и менаџерот се грижи да не се распаѓа установата. До крајот на годината, ќе се оспособат три единици и во Кочани. Сакаме да ги извадиме бебињата од Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Очекуваме целата институција „Демир Капија“, со 160 корисници да се трансформира за околу три години. Децата се помала група и тие ќе излезат побргу.
Интервјуто со Министерката Царпвска во целост прочитајте го ТУКА.