Националната Координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска по успешната трансплантација на срце од починатата Емилија Динева упати силна порака.
„Треба да вложиме во едукацијата – што значи органодарителство по смртта. Целиот овој процес немаше да биде успешен доколку не постоеше семејството кое со најголема емоција ги даруваше органите. Верувајте многу е тешко кога сте тажни да донесете рационална одлука и да бидете во тој момент хуман, и човекољубието да биде над вашите внатрешни најдлабоки емоции. Семејствата се тие кои се херои. Трансплантација на срце, за првпат се случи во нашата земја и сметам дека може само да ни даде уште поголема волја и надеж за да продолжиме со уште поголем ентузијазам и попосветено на оваа проблематика. Изразувам сочуство на семејството, но сакам и да им кажам дека срцето на нивната драга чука и дека во суштина сѐ уште живее“, изјави Националната Координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска.