Мијалков бара Апелација да му го укине притворот

Екс-директорот на УБК Сашо Мијалков, кој е осуден на три години затвор за изборни нерегуларности во „Титаник 2“, се жали во Апелациониот суд на мерката притвор. Таа му беше изречена истиот ден кога и пресудата. Покрај одбраната, денеска и тој лично пред Апелација образложуваше дека опасноста од бегство поради која добил притвор, според него е неоснована.

Сашо Мијалков, Обвинет:

Би сакал да ја рефреширам меморијата дека под истата околност предложија мерка притвор и овој суд не ја прифати и ми определи други мерки кои јас ги почитував. Мојот имот во странство, престојот во Чешка, наводните мои контакти, другите постапки против мене ги имав и тогаш и сега. Тогаш пред овој суд дадов збор дека нема да помислам на бегство. На тој збор и денес стојам.“

Одбраната на Мијалков го нарече Специјалното јавно обвинителство неовластен тужител оти обвинението го поднело после истекот на мандатот за поднесување обвиненија на 30 јуни 2017. Сметаат дека тоа е основа Врховниот суд да ја поништи пресудата за „Титаник 2“. Обвинителката Фатиме Фетаи побара Апелација да ги отфрли жалбите за притворот. Како опасност дека Мијалков може да избега ги наведе неговите контакти со разузнавачките служби, влијанието што го има, како и фактот дека поседува вреден имот.

Фатиме Фетаи, Обвинителка во СЈО:

Со самото барање да се изречат поблаги мерки, признаваат дека постои опасност. Законскиот рок за поднесување на обвинение за овој случај е испочитуван. Правнички досетки се зборовите неовластен тужител и надлежност.“

Во првостепената пресуда за предметот за изборни нерегуларности за време на локалните избори во 2013 година, Мијалков е осуден на 3 години затвор, лидерот на ДПА Мендух Тачи на 3 години и 2 месеца, а поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими на 4 години и 6 месеци затвор. Останатите тројца обвинети екс-членови на ДИК Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години. По изрекување на пресудата, само Мијалков и Ибраими веднаш беа притворени.

Извор: Алсат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e