Францускиот предлог за решавање на билатералниот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија не нуди почеток на македонската евроинтеграција, туку, напротив, отвора бесконечни преговори или асимилација по бугарски диктат, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Во Бугарија ликуваат што овој предлог ги содржи сите нивни барања кои се крајно неповолни за Македонија и имаат тенденција да го негираат македонскиот идентитет, јазик и историја, тврди Мицкоски во интервју за белградска „Политика”.
Според него, како што јави дописникот на МИА од Белград, тука повторно имаме уцени, ултиматуми, диктат.
– Доколку на оваа содржина се додаде и едностраната декларација на Бугарија, која директно ја негира посебноста на македонскиот јазик и нотира дека тој е бугарски дијалект, очигледно е во каква позиција е Македонија, која нема никакви гаранции од Европската унија за европската перспектива, вели Мицкоски.
Како што тој го оцени францускиот предлог, „по сите голготи низ кои помина, македонскиот народ не може да биде согласен со овој предлог”.
