Ако Никола Груевски поднесе оставка, новиот претседател на ВМРО ДПМНЕ треба да исполнува три услови – прво да биде прифатлив за партиската база, потоа за македонските граѓани и третиот услов е да биде прифатлив за меѓународната заедница, вели Христијан Мицкоски за емисијата Фактор магазин.
Во првото интервју по локалните избори, генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ оценува дека локалните избори биле нерегуларни, но во истовреме за изборниот пораз одговорност ја лоцира и во одредени погрешни политики на партијата.
Досега никој не зборуваше за оставка на Груевски туку само се најавуваше дека ќе се прави анализа за резултатите од изборите. Со оглед на тоа дека и самиот Груевски изјави дека чувствува одговорност за резултатите од изборите, дополнето сега со “скриената” најава на Мицковски, се поверојатно е дека наскоро ќе видиме друг лидер на ВМРО – ДПМНЕ.
Во јавноста се шпекулира дека еден од можните кандидати за наследник на Груевски е токму генералниот секретар, Христијан Мицковски.