Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нуди „помош“ да се постигне национално единство во решавањето на спорот со Бугарија, а во спротивно, како што вели, нема да поддржи никаков скриен пазар во разговорите со Софија. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вели дека повикот за единство од опозицијата не е искрен, а Владата е транспарентна при преговорите со Бугарија и штом ќе има заемно прифатливо решение, ќе го сподели со јавноста и ќе го спроведе низ институциите.
Ковачевски и Мицкоски сè уште не седнале на средбата што се договара, а деновиве во повеќе наврати си разменија рафални пораки за разговорите со Софија. Пред неколку денови премиерот Ковачевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ само прави хистерија за разговорите, а ја одби поканата да учествува во македонско-бугарските работни групи. Мицкоски вчера одговори дека ако власта имала чесна намера да ја вклучи опозицијата во процесот, најпрво требало да го сподели со неа прашалникот „пет плус еден“ и да разговара сериозно.
– Очигледно има некој пазар зад завесата и затоа ВМРО-ДПМНЕ, односно идната влада, таков пазар, скриен зад очите на јавноста, нема намера да поддржи. Ова е порака до Кирил Петков, до Румен Радев и до сите што го фасилитираат тој процес – рече вчера Мицкоски.
Според него, преговарачките позиции се подриваат со тоа што се лицитира со идентитетот на македонскиот народ и со идентитетот на државата и со тоа што, како што рече Артан Груби, Бујар Османи и Али Ахмети лицитираат со промена на Уставот, а тоа го потврдува администраторот Ковачевски.
– Така се подриваат преговарачките позиции, а со барање да се поддржи декларација за Гоце Делчев, не само што се зацврстуваат, туку и уште повеќе се дава тежина на тие преговарачи што се на маса. Затоа понудив единство, да застанеме сите заедно во одбрана на македонските национални интереси, зашто на народот му е преку глава од корумпирани политичари што се богатат на сметка на идентитетот на народот и градат политички кариери. Не треба само да климате со глава додека ги газите црвените дебели килими каде и да одите надвор од Македонија, туку да седнете со граѓаните и да ги прашате што им недостасува – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
За него, ова не е циркуска атракција, туку исклучително сериозно прашање што ги засега и државата и народот.
– Ова не е циркуска атракција, па преку медиуми или соопштенија да се каниме на средби или да кажуваме кој кого побарал на краток телефонски разговор. Се седнува на маса и се разговара ако има вистинска волја. Ние сме тука, нудиме помош за национално единство – повтори Мицкоски.
Премиерот Ковачевски вчера на прашање кој за него бил Гоце Делчев, рече дека Делчев е основоположник на македонската национална борба и се борел за независна македонска држава, која денеска ја живееме, која е членка на НАТО и на чекор до преговори со ЕУ, штом се реши прашањето со Бугарија.
– Тоа прашање мора да се реши во духот на европските вредности и со зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Со оглед дека има отворени прашања од историјата, формирана е историска комисија што работи по своја методологија, со историски факти и во неа членуваат професори по историја. И затоа јас велам политичарите треба да се занимаваат со политички прашања бидејќи за тоа се избрани и тоа да го прават врз основа на европски вредности, а историчарите да истражуваат за историските прашања и заедничките сознанија заеднички да ги соопштуваат – рече премиерот Ковачевски.
Тој додаде и дека другите работни групи, за економски прашања, за образование, евроинтеграции, се формирани за да не изостанат од дијалогот оние институции што можат да креираат придобивки за граѓаните.
– Политичките прашања се решаваат на ниво на експерти од МНР, кои работат со колегите од Бугарија со полн капацитет. Кога ќе има решение, ќе биде споделено во јавноста и спроведено низ институциите, кои треба да го одобрат во согласност со Уставот и со законите во државата. Исто така, министерот за надворешни работи неодамна имаше свое излагање во собраниската Комисија за надворешни работи за отворените политички прашања со Бугарија, кое траеше половина работен ден и сите пратеници можеа изворно да се информираат – рече Ковачевски.
Тој не прецизира кога е следната средба на експертите од МНР, која треба да се одржи по 20 февруари во Скопје. Денеска ќе се одржат состаноци на работните групи за култура и образование и за зелена агенда и евроинтеграции.
Извор: Слободен печат