Медицински тим заминува за Норвешка, а од таму за Авганистан

Министерот за здравство Венко Филипче i министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретнаа со шестчлениот хируршки тим од јавното и военото здравство кој ќе биде распореден во рамки на норвешката болница во Кабул, Авганистан, од март до септември годинава.

Пред упатувањето во мисијата „Одлучна поддршка“ во март 2021 година, соопштија денеска од МО, на тимот му претходи тримесечна обука која ќе се реализира во Кралството Норвешка, заедно со норвешките колеги кои ќе бидат дел од истата ротација во Кабул. Оваа обука ќе се состои од основна воена и тимска обука, предавања и работа во групи, по што ќе следи и специјална обука за воена хирургија.

Честитајќи им на изборот, министерот Филипче ја истакнал важноста на учеството на нашиот тим во мисијата „Одлучна поддршка“ и подвлекол дека овој проект е важен не само за Министерството за одбрана, туку и за целата држава бидејќи членството во НАТО значи и развивање на медицински тимови за брза интервенција.

– Од вашето учество во мисијата ќе има бенефит целокупниот систем на јавното здравство бидејќи вашето знаење ќе го применувате но и ќе го пренесете на специјализантите и студентите, рекол министерот Филипче.

Тимот брои три доктори специјалисти – по трауматологија, по општа хирургија и по анестезиологија и три медицински сестри. Петмина од нив се од јавното здравство, а една е медицинска сестра од Баталјонот за медицинска поддршка на Армијата на Република Северна Македонија.

Вклучувањето на докторите и медицинските сестри од јавното здравство во рамки на ротацијата во норвешката болница во Кабул, се појаснува во соопштението од МО, е врз база на Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за одбрана и за здравство според кој составот на тимот го обезбедува Министерството за здравство, а финансиските средства се обезбедени од Министерството за одбрана. Трошоците за обука и логистичка поддршка во мисијата ги покрива Кралството Норвешка.

Северна Македонија и Кралството Норвешка, наведуваат од МО во соопштението, имаа исклучително успешна соработка во доменот на военомедицинската соработка во рамките на силите ИСАФ во Авганистан. Македонски и норвешки доктори и техничари работеа заедно во седум ротации во мисијата на Алијансата во Авганистан во периодот од 2008 до 2012 година, што придонесе за развој на интероперабилноста во оваа област, меѓусебното запознавање и растот на довербата помеѓу двете земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e