Отворањето преговори со Северна Македонија требаше да се случи пред многу години. Ние сега имаме проблем со методологијата на пристапување, и тоа не е за изненадување. Овие одлуки да не се отворат пристапни преговори се „студен туш“, што ни овозможува да согледаме дека нешто погрешно се случува со методологијата на ЕУ и треба да ја промениме, тоа е клучната порака, вели во интервју за МИА Флоран Марсијак, експерт за политиката на проширување на Европската Унија.
– Франција избегнуваше дебати за проширување и беше повеќе фокусирана на продлабочување на Унијата. Во споредба од пред две години и со она што го имаме сега, а тоа е нон-пејперот на Франција, таа стана земја што е многу активно вклучена во овие дискусии кога станува збор за проширувањето и методологијата на пристапување и тоа е високо на листата на приоритети. Би кажал дека тоа е позитивна промена без разлика на содржината. Подобро е да имате чинители што се заинтересирани дури и тогаш кога очигледно го блокираат или го забавуваат процесот, отколку да има земји што се едноставно отсутни, рече Марсијак.