Маричиќ: Очекуваме официјален старт на преговорите со ЕУ во втората половина од годината

Бојан Маричиќ, националниот координатор за членство во Европската Унија во Владата на Република Северна Македонија во вечерашното гостување во “Oтворено студио” на 24 телевизија појасни кои теми беа опфатени на вчерашниот онлајн европски самит во Загреб и даде свое толкување какви последици по нашите европски аспирации може да има едностраната изјава на Бугарија.

“Овој самит за нас во никој случај не може да биде ниту назадување, ниту разочарување. Напротив, ниту една држава не беше посебно издвоена во рамките на заклучоците, ова е самит којшто се случува на две години, не се случува многу често, а заклучоците се сопфатни и покриваат многу теми. Една од причините зошто се одржа овој самит е да се покаже дека ЕУ и Западниот Балкан се заедно во борбата со коронвирусот. Втората поента е дека ЕУ останува посветена на Балканот и дека Балканот останува посветен на ЕУ и третата поента е дека ЕУ ќе даде сериозен економски пакет во неколку форми и на неколку нивоа за заздравување на економиите на Западен Балкан. Овој самит треба да го гледаме како чекор напред бидејќи и во овие тешки услови 27 лидери на држави-членки на ЕУ сепак се собрале и се испрати позитивна порака. Бидејќи бев присутен таму, ќе кажам дека сите до еден го поздравија отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија и ги поздравија договорите ставени во текстот на декларацијата” – истакна Маричиќ.

Запрашан дали доживеавме разочарување бидејќи не беше спомнат официјалниот датум за почеток на преговорите, Маричиќ со објаснување:

“Проширувањето на овој самит не беше тема само по себе, туку сè беше ставено во контекст на иднината на Западниот Балкан во ЕУ. На 3 јуни кога ќе ни го дадат редовниот годишен извештај паралелно ќе ја предложат и преговарачката рамка за почеток на преговорите. Официјалниот старт на преговорите се очекува во втората половина на годината. Од 1 јули до 31 декември очекуваме меѓувладина конференција која ќе го означи официјалниот почеток на преговорите” – објасни Маричиќ.

На прашањето дали унилатералната изјава на Бугарија може да значи дека Бугарија станува новатаГрција за Македонија, Марчиќ со одговор:

“Не, тоа е погрешна теза. Има многу шпекулации од страна на опозицијата и некои медиуми, а тоа е многу штетно за нас и за нашата јавност. Ние имаме чиста одлука за почеток на преговори неусловена од ништо. И на таа одлука се согласила и Бугарија. Затоа Бугарија бидејќи нема официјален услов решила едностано да прикачи изјава во која ги изнесува сопствените очекувања за одредни прашања поврзани со текот на преговорите односно со спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Обврската за спроведување на договорите со Бугарија и Грција е двострана. Нам секако ни одговара тие договори да бидат ставени во овие заклучоци и да бидат спроведувани. Тој Договор за добрососедтво со Бугарија во наредниот период може да ни стане одбрана од неразумни барања, од барања кои се надвор од тој договор, а дел такви барања надвор од договорот има и во едностраната изјава на Бугарија. Ние овојпат имаме заштита од вакви нешта заради тоа што потпишаниот договор точно определува на кои теми се разговара и што е спорно, а што не” – заклучи Маричиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e