Бојан Маричиќ, националниот координатор за членство во Европската Унија во Владата на Република Северна Македонија во вечерашното гостување во “Еурофокус” на телевизија Телма истакна дека датумот за избори е 5 јули и дека апсурдно е што опозицијата бегајќи од изборно соочување направи тема од датумот за одржување на изборите:
“СДСМ веќе има јасен став и нема што повеќе од тоа да кажеме. 5 јули е датумот на изборите по сила на законот, 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Кога и да завршеше вонредната состојба, 22 дена потоа ќе бидат изборите. Апсурдно е да се разговара за датум на избори и апсурдно е што опозицијата воопшто направи тема од датумот за избори. Ние не преферираме да има избори без опозицијата, тоа не е посакувано сценарио за Владата, меѓутоа исто така не сакаме да дозволиме кочење на процесите. Ние воопшто не се инаетиме, тие што се инаетат е опозицијата и ние влеговме во овој процес затоа што опозицијата сакаше предвремени избори. Апсурдно е што опозицијата прави спор од разлика од неколку дена што само укажува на тоа дека опозицијата бега од избори.
Правниот циркус е заради тоа што ние се обидовме повторно да го свикаме Собранието со цел да се избегнат сите овие дилеми околу правната разврска околу изборите, за жал за тоа немаше разбирање и ситуацијата е таква каква што е. Во врска со изборите кои требаше да се одржат на 12 април, сите се согласија дека треба да се одржат час поскоро штом заврши вонредната состојба и причините за вонредната состојба. Ние веќе функционираме во овие услови на пандемија, може да се воведат специфични мерки за заштита на денот на изборите и особено за изборната кампања и верувам дека е во интерес на државата и на граѓаните час поскоро да има избори на 5 јули или евентуално како некој компромис на 8 јули заради одржување на изборите во средина на неделата, но мислам дека сè понатаму веќе би било длабоко во летото и тоа сигурно може да влијае врз заинтересираноста на граѓаните за избори. Верувам дека ќе се заврши оваа работа пред летото затоа што од септември имаме многу предизвици на сите полиња коишто треба да ги решава политичка Влада со полн мандат и легитимитет” – истакна Маричиќ.