Манчевски: Секогаш велам дека во 21 век реформа на администрација се прави со дигитализација

Реформите во администрацијата и влијанието што врз тој процес ќе го имаат активностите што следуваат со техничката влада за предвремените парламентарни избори, атрактивноста за вработување во јавниот сектор, плановите за оптимизација на институциите, се дел од темите на кои одговараше министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски за МИА.

– Јас секогаш велам дека во 21 век реформа на администрација се прави со дигитализација. Овие другите делови некако многу во медиумите и во јавноста зборуваме за тоа, но граѓаните ниту ги гледаат ниту, пак, ако некој ме праша многу ги интересира. Граѓаните ги интересира да добијат ефикасна услуга, брза услуга, да платат помалку за таа услуга и едноставно да им се олесни начинот на којшто ги добиваат услугите. И затоа сметам дека токму овие последните неколку проекти што ги набројав се клучни. Значи, Националниот портал за електронски услуги, Централниот регистар на население, но за да стасаме до тоа ние воведовме и електронски систем за водење управни постапки. Што значи тоа? Сите овие 20-тина институции коишто се поврзани на тој систем управните постапки ќе ги водат електронски, што значи граѓаните многу побрзо ќе ја добијат услугата.

Во делот на давање услуги почнавме и со концептот на сали за една точка за услуги, првата којашто веќе ја отворивме во Скопје и веќе работиме на три нови локации, а тоа се Куманово, Тетово и Охрид, а многу брзо, веќе следната година, и уште неколку други градови, така што концептот е на едно место граѓаните да добиваат услуга од девет различни институции без да имаат потреба да шетаат наоколу низ градовите.

Во делот на реформата на јавната администрација се одредени постапки за вработување, односно при постапката за вработување направивме една анализа и ги скративме речиси сите трошоци коишто кој било граѓанин којшто ќе аплицира за работно место во јавниот сектор претходно ги имаше. Повеќе не се плаќа за тестирање на странски јазик, повеќе не бараме лекарско уверение согласно новиот закон што ни е предложен и веќе е ставен на јавна расправа. Значи, генерално граѓаните да немаат трошоци кога аплицираат за работно место во јавниот сектор. Ова се некои само покрупни работи коишто директно граѓаните може да ги видат.

Веќе в понеделник ќе го промовираме и новиот, јас би рекол, иако е надградба фактички на стариот систем за ЕНЕР, тоа е Електронскиот национален регистар на прописи каде што граѓаните ќе имаат шанса и можност онлајн да дадат иницијатива во форум да се дискутира за одредени иницијативи од одредена институција и ќе може во многу побрзо, па и во реално време да се одвива дебата од одредени иницијативи на одредени институции. Ова ќе овозможи пристап на сите граѓани до овие дискусии, до овие дебати во однос на одредени иницијативи без разлика дали се од страната на некоја институција, но и самите граѓани ќе може да поднесат иницијативи до институциите и сето тоа ќе може да се направи електронски, вели Манчевски.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e