Во вечерашното издание на “Вин-вин” на Телма телевизија, гостин беше министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој даде повеќе детали за најавената апликацијата за следење на луѓето кои имале контакти со заболени лица од Ковид-19, која треба да биде активирана следната недела. Тој во своето излагање потврди дека користењето на апликацијата ја гарантира безбедноста на личните податоци на граѓаните кои доброволно ќе треба да ја симнат на своите мобилни телефони.
“Голем број од граѓаните секако имаат вклучено блутут на своите телефони поголем дел од времето. Генерално блутут уредот кај повеќе од половина од корисниците е постојано вклучен заради некоја причина. Ако апликацијата не ја симнат доволно голем број на граѓани, ако не е масовно распространета, ако сите не ги држиме вклучени нашите блутут уреди, тогаш нема да има никаква корист од оваа апликација и затоа минимум е она што го бараме од граѓаните. Да направат нешто да се заштитат себеси, но и другите околу нив. Оваа апликација не нè штити ние да не се заразиме, но оваа апликација ги штити другите коишто биле во контакт со нас. Ова е прашање на сопствена волја и граѓанска одговорност. Не бараме нешто многу од граѓаните, бараме да се симне една многу едноставна и проста апликација, да се вклучи блутут на телефонот и толку, нема ништо повеќе. Треба да имаме само малку доверба во институциите на системот, еве ќе имаме и независни експерти кои ќе направат една ревизија на целиот концепт како потврда дека навистина тоа што го зборуваме е така. Најважно е што помасовно да ја симнуваме оваа апликација” – истакна Манчевски.