“Битно е граѓаните да знаат дека сè што правиме е врз основа на претходна експертска анализа, а после тоа политичарите носат одлуки. Секојдневно се случуваат испади, иако може да се каже дека легитимно право на секоја опозиција е да ја напаѓа власта, ама сега не е време за таква работа. Сега сите треба да се обидеме да излеземе од оваа криза што побрзо, па да можеме да се бавиме со политика” – изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во вечерашното издание на “Вин-вин” на Телма телевизија.
Според Манчевски, единствен добар метод за борба против лажните вести е ширењето на вистината на сите можни начини и секогаш кога е тоа можно:
“Лажните вести се генерален проблем, не само кај нас, туку секаде во светот. Но, репресивните мерки и методи не мислам дека ќе вродат со плод. Вистината, ширењето на вистината секгаш било најдобар метод за да се бориме со лажните вести и мислам дека кредибилитетот што го изградија пред сè здравствените власти на чело со министерот Филипче и довербата што ја имаат кај граѓаните навистина отсликува дека се водиме сепак по експертски анализи и согласно интересите на граѓаните, пред сè во однос на нивната здравствена состојба.
Што треба да направиме во следниот период?
Да се обидеме на секаков начин да ги информираме граѓаните по разни основи во однос на здравствената криза, но и како можат да се заштитат. Апликацијата е само еден помал дел од целата приказна. Битно е да ја гледаме целата приказна како да ги информираме граѓаните, да не бидат предмет на лажни вести и да не гледаме многу што прават другите земји. Ние можеби во следниот период ќе одиме со уште порестриктивни методи, но крајната цел ќе биде што побрзо да го ослободиме општеството и економијата од оваа ситуација.” – заклучи Манчевски.