Македонската амбасада во Будимпешта била осветена против духови, но може да се урне

Во 2007 година, МНР купило зграда во Будимпешта за амбасада во Унгарија. Но, Македонија не можеше да се всели во зградата за амбасада поради опасност од свлечиште. Покрај опасноста од рушење, медиумите во 2011 година пишуваа дека во зградата имало духови. Како што објави државниот секретар во МНР Виктор Димовски на прес-конференција минатата недела, објектот во Будимпешта е во опасност да се сруши и може да предизвика штета на соседните објекти.
„Неквалитетната изведба на доградбата од продавачот довела до појава на свлечиште на земјиштето. Ова пак предизвикало изместување на целиот објект кој е руиниран и неупотреблив. Така, Република Македонија за амбасада и резиденција од 2010 година, па сè до денес плаќа закупнина за амбасада од 2.300 евра месечно и за резиденција 1.800 евра и покрај купената куќа од 1.070.000,00 евра, во која требало да бидат сместени амбасадата и резиденцијата на амбасадорот“, рече Димовски.

Руски православен крст при осветување на амбасадата бил ставен на ѕидовите, за да служи како заштита против духови. Амбасадата била отворена во присуство на поранешниот премиер Никола Груевски и била организирана голема свеченост на која имало и свештеници, кои нацртале руски православен крст при осветување на амбасадата и на ѕидовите, но и да служи како заштита од духови. Тогашниот амбасадор во Будимпешта Дарко Ангелов чија резиденција била во истиот објект, како што пишуваа медиумите во април, 2011, рекол дека око не склопил неколку месеци, бидејќи мислел дека во зградата има духови, оти зградата крцкала и светлата сами се палеле и гаснеле, пишува СДК.

Но, испаднало дека нема духови, туку струјата била нестабилна од дотраената инсталација и влагата. Амбасадата е купена во мандатот на министерот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше на функцијата од 26 август 2006 до 14 јули 2011.
Извор: СДК

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e