Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши во рамките на Економската конференција: „Предизвици на патот кон ЕУ“, која се одржува во Будва, остварија билатерална средба со Расим Љајиќ, заменик претседател и министер за трговија, туризам и телекомуникации во Владата на Република Србија.
Вицепремиерот Анѓушев, како што соопшти владината прес-служба, истакнал дека намерата на Европската унија е зајакнување на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и дека Владите од овој регион мора да покажат посветеност за оваа намера да стане реалност.
– Клучно за меѓусебната соработка е зајакнувањето на трговската соработка и транспортот. На никого не му одговара камиони со стока да чекаат со часови на гранични премини помеѓу две соседни земји. Треба да работиме да воспоставиме систем на поголема доверба и сертификати признаени од двете земји и меѓународните институции за побрз и беспрекорен проток на стоки, потенцира Анѓушев.
Вицепремиерот Љајиќ иницираше идеја за заеднички настап на Република Македонија и Република Србија во областа на туризмот, со креирање на заеднички туристички пакети кои би се понудиле во трети земји, со цел зголемен обем на туристи и посета на дестинации во двете земји.
Оваа иницијатива беше прифатена од страна на министерот Бектеши, кој изрази подготвеност за интензивирање на меѓусебната соработка, а воедно најави дека очекува двете земји да потпишат договор за соработка во областа на туризмот на електронските пазари.
Придружете ни се Facebook >
Соговорниците се согласија дека економската соработка во соседните земји мора да продолжи да се развива и дека ќе бидат посветени во отклонувањето на бариери за поефикасен и поефективен транзит на стоки на граничните премини.