Полициските служби од Македонија, Србија, Албанија и Косово ќе ја интензивираат соработката и размената на податоци во борбата против тероризмот и организираниот криминал.
Ова е договорено на денешната регионална конференција што се одржува во Скопје во организација на Бирото за јавна безбедност со посредство на Мисијата на ЕУЛЕКС на Косово.
Тероризмот и организираниот криминал претставуваат глобален проблем и закана. Терористичките напади кои се случија во Франција, Турција и во Германија и кои предизвикаа голем број човечки жртви и огромна материјална штета претставуваат јасни индикатори дека овој феномен мора да се решава на глобално ниво, изјави шефот на Мисијата на ЕУЛЕКС на Косово, Оливер Хофман.
За заменик-директорот на Бирото за јавна безбедност Бесир Деари, тероризмот и организираниот криминал се закани кои ги засегаат и државите од Западен Балкан и за кои треба да се воспостават ефикасни механизми за размена на податоци.