Денеска и утре Македонија е домаќин на Регионалната работилница за градење капацитети и искористување на можностите од Зелениот климатски фонд GCF.
“Земјоделството е многу чувствителен сектор од аспект на климатските промени, кои се очекува да влијаат врз намалување на приносите на повеќето култури. Зелениот климатски фонд со 6,9 милијарди американски долари, достапни за ублажување и адаптација кон климатските промени, нуди огромни можности за справување со овој сериозен предизвик, а една од главните можности е инвестирање во отпорно на климатските промени земјоделство”, порача на конференцијата министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
“Зелениот климатски фонд е новитет за Македонија, но во искористувањето на можностите што ги нуди, ќе ги земеме во предвид позитивните искуства на земјите кои веќе ги користат поволностите на фондот”, дополни Николовски.
Министерот упати голема благодарност до Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нациии, ФАО, и Програмата за животна средина на Обединетите нации, УНЕП, кои ја прифатија поканата на МЗШВ да ја одржат оваа Регионална работилница.