Додека демонстрантите извикуваа, семејството на Алмир не можеше да ги запре солзите. Во знак на поддршка денеска напладне пред зградата на Владата, се собраа илјадници граѓани. Освен Куманово, на повикот на иницијаторите на протестот „Правда за Алмир“, одговорија и од другите градови. Мајката на 4-годишниот Алмир, од денешниот протест испрати порака: Не сум тука само за мојот Алмир, туку за сите деца кои се во опасност поради тој криминалец, кого државата го ослободи. Мојот Алмир нема да се врати, но барем вашите деца да живеат слободни, бидејќи мојот син престана на расте на неполни 4 години. Алмир не знаеше да прави етнички поделби. Тој сонуваше да оди на училиште, да си игра со другарчињата, но за жал еден криминалец намерно го спречи во тоа. На обвинителката Кусигерска ѝ порачувам дека немам потреба од нејзиното жалење. Дека од неа сакав само правда за мојот син. Но, таа ми го уби синот по вторпат. Но, правдата ќе дојде еден ден, бидејќи убиецот никогаш нема да живее во мир“, рече мајката на починатиот Алмир, Миџевере Касуми.
Демонстрантите бараат судскиот процес да не се води во кумановскиот Суд, туку предметот да го преземе друго Обвинителство, подалеку од градот каде што се случи убиството. Организаторите на протестот го повикаа обвинителот Јовески и другите јавни обвинители да поднесат оставки поради преквалификацијата на делото. Активистот Висар Вишка, најави кривични пријави за сите оние кои, како што вели, ги искривуваат доказите во овој случај.
Протестот се одвиваше мирно, а според организаторите учествувале над 10 илјади демонстранти. По собирот пред зградата на Владата, демонстрантите својот револт го изразија и пред судот, поради што беше блокирана крстосницата кај трговскиот центар Мавровка.
Според информациите од МВР, регистриран е и еден инцидент. Како што велат од таму, лица кои биле дел од протестот со камења фрлале кон автобус на ЈСП со број 50. Поради тоа МВР привело 22-годишно лице со иницијали А.М. Во обид да ги спречат полициските службеници, дел од демонстрантите го блокираа булеварот „Крсте Мисирков“.
Извор: ТВ21