Имаме сознанија дека некои началници во инспекторатот точно знаат на кој инспектор каков налог да му дадат. На пример, постојат фирми коишто месечно доставуваат пријави со нули и во еден месец поднесуваат барање за поврат. По извршена контрола инспекторот кој добил налог од началникот вели дека барањето за поврат е во ред и УЈП спроведува поврат на ДДВ. Ова во интервју за Фактор го сведочи директоркта на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска. Моментно во тек е интерна анализа која треба да ги потврди сите сознанија и дојави. Самата е во УЈП повеќе од една деценија. Вели дека од оваа позција и се сменила перцепцијата за некои колеги, но тврди дека ќе биде истрајна во обидот да ги среди недоследностите. Пред УЈП е сериозен тест. Оваа година за прв пат се пополнува електронска даночна пријава, а дополнителен предизвик е новината со повратот на ДДВ за физичките лица. Одговара дали Управата ќе има капацитет за да се носи со измените, но и како ги наплаќа даноците.
Лукаревска: Првата фаза од реформата „е-Персонален данок”ја заокруживме целосно успешно и со задоволство можам да кажам дека ги постигнавме посакуваните резултати. Оваа реформа е од големо значење за сите кои се вклучени во процесот – граѓаните и Управата за јавни приходи. “Е-Персонален данок” овозможува значително поедноставување на процедурите за пријавување и пресметување на персоналниот данок. Гужвите пред шалтерите, долгите редици коишто беа редовна слика во изминатите години, преку овој модерен процес ги избегнавме и овозможивме непречена регистрација. Свесни дека станува збор за нов начин на регистрација, УЈП континуирано даваше максимална поддршка на даночните обврзници. Обезбедивме екипи на терен коишто ги посетуваа големите и малите фирми и вршеа регистрацијата на лице место, а отворени беа и вонредни даночни шалтери во повеќе општини кадешто Управата нема постојани канцеларии. Досега се регистрирани 95,10%граѓани, а со оглед дека во одредени општини забележуваме регистрација на сите даночни обврзници, наскоро очекуваме и 100 отсто регистрација.
Какви се впрочем следните фази? Каде граѓаните ќе ја добијат пополнетата пријава, како да ја потврдат или да ја коригираат, како ќе функционира тоа?
Лукаревска: Втората фаза на “е-Персонален данок” започна со стартот на 2019 година. Тоа што сега го прави Управата за јавни приходи е прибирање на податоци коишто се потребни за Годишната даночна пријава. Откако ќе бидат обезбедени потребните податоци коишто треба да се дел од ГДП, Управата по електронски пат, односно на е-маил адресите со коишто граѓаните се регистрирале на системот “е-пдд”, во наредните месеци на секој еден даночен обврзник ќе им ја достави претпополнетата Годишна даночна пријава на увид. Веднаш потоа, граѓанинот ќе има можност да ги прегледа сите податоци коишто се содржани во претпополнетата ГДП, да ги спореди со податоците со коишто тој располага и да се согласи или да ја коригира. Оваа комуникација, помеѓу даночните обврзници и УЈП ќе се одвива по електронски пат. Рокот за потврдување или корекции е до 31 Мај. Доколку до тогаш УЈП не добие одговор, претпополнетата Даночна пријава ќе се смета за потврдна.
МОЖНИ ПОМАЛИ ТЕХНИЧКИ ПРОБЛЕМИ
Очекувате ли какви било проблеми од тој аспект?
Лукаревска: Како што веќе напоменав, станува збор за нова реформа и оттука не исклучуваме можни помали проблеми до крајот на целосната реализација, но убедена сум дека тоа нема да бидат сериозни проблеми коишто ќе го попречат процесот, впрочем како што тоа не се случи ниту досега. Досегашното искуство, ни кажува дека често се чека речиси и до последниот момент за пријавање, регистрации, поради што се создава преоптовареност на системот, но морам да напоменам дека оваа реформа е голем предизвик за сите вработени во Управата за јавни приходи и тимот којшто работи на реализација е целосно посветен и неуморно работи процесот да тече без прекини и било какви други сериозни нарушувања. И во оваа фаза од реализацијата, Управата е целосно подготвена да даде поддршка на даночните обврзници и стои на располагање за решавање на сите дилеми, прашања и други нејаснотии.
Од годинава со промена на Законот за личен доход се воведе прогресија кај данокот на личен доход. Граѓаните кои ќе имаат нето приходи над 90.000 денари на сумата над овој лимит ќе платат данок од 18 отсто. Имам впечаток дека техничкиот аспект на ова прашање на граѓаните не им е јасен. Дали треба да се плаќа секој месец кога ќе биде надминат лимитот, во случај примањата да не се од еден работодавец (па работодавецот нема да има обврска да го плати)
Техничката реализација на прогресивниот данок е уште еден предизвик на Управата на јавни приходи на којшто во изминатиот период работевме интензивно и се трудиме да се реализира успешно. Токму затоа во изминатиот период апелиравме до сите работодавци, фирмите, да го подесат својот софтвер со цел да се обезбеди прецизна пресметка. Инаку, Законот за данок на личен доход уредува примена на прогресивна даночна стапка на годишна даночна основа, но и аконтацијата на данокот од доход по прогресивна даночна стапка на соодветно утврдена месечна даночна основа, согласно видовите на доход утврдени со законот. Што значи, аконтацијата на данокот од доход од работа, на доходот од авторски и сродни права и на доходот од продажба на сопствени земјоделски производи до 90.000 денари месечна даночна основа се пресметува по стапка од 10 проценти, додека од 90.001 денари по стапка од 18 проценти. Доколку обврзникот ја надмине годишната даночна основа од 1.080.000 денари, прогресивното оданочување ќе се спроведе со Годишната даночна пријава.
Целото интервју за “Фактор” прочитајте го тука.