Имаме докази, поврзани сме со институциите, покренати се повеќе нови постапки за незаконско работење на наши вработени, претходни раководители, како и за даночни обврзници кои биле бенефицирани по различни основи. Наскоро ќе излеземе со информација – вели директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска во интервју за 1ТВ одговарајќи на прашањето зошто не се покренати постапки, дали нејзините претходници работеле толку законски или добро затскривале кога и од бомбите се слушна дека УЈП се користела како алатка за политички реваншизам.
-Законот во одредени сегменти не се почитувал, од ден на ден откриваме многу факти, како и тоа дека на одредени фирми не се враќало ДДВ во дадениот рок, за што ние сега ќе треба да враќаме и камати кои го оштетуваат буџетот поради несовесно работење на наши службеници. Ќе излеземе и со други податоци во наредниот период- потенцира таа.
Лукаревска вели дека контролите на УЈП покажале фрапантни податоци околу затајувањето на данок , состојба која ќе мора да се надмине доколку сакаме полн буџет.
Наскоро го очекува и исходот од постапките пред ОЈО за вработени во УЈП кои работеле во полза на 37 фирми меѓу кои има и медиуми кои биле амнестирани од инспекции и даночни плаќања.