Споено или неспоено, Македонија останува во името на северниот сосед, гласат дел од коментарите во Грција, откако тамошни медиуми објавија дека се разговара за предлог ГорнаМакедонија, сложено име споено во еден збор.
Како што објавија повеќе грчки медиуми, повикувајќи се на извори од грчкото Министерство за надворешни работи, Република ГорнаМакедонија – име со географска одредница, споено во еден збор и непреведено на англиски, би била најприфатлива опција за двете страни. Според истите извори, македонската страна најмногу била заинтересирана за предлогот Република Нова Македонија, а за грчките власти најприфатливо било Република Вардарска Македонија. Позициите на двете земји, наводно, биле приближени околу третото решение од пакетот на Нимиц – Република Горна Македонија. Грчкиот весник „Ефимерида“ тврди дека Нимиц во Скопје на маса ќе го стави токму тоа име, но споено и без превод на англиски, кое ќе се изговара како еден збор. Сепак, дел од медиумите повикувајќи се на високи извори во грчкото МНР, пишуваат дека ни другите предлози не се дефинитивно отфрлени како можни опции.
„Да не се залажуваме. Споено или неспоено, името Македонија останува во името на северниот сосед“, гласат некои од коментарите во грчките медиуми, со став дека тоа е само „лингвистички параван“.

Договор депониран во ОН до 20-ти март?
Резултатите од разговорите, според грчки медиуми, би требало да финишираат со билатерален договор, во кој освен решението за името, ќе бидат наведени и обврските што двете земји сукцесивно и во определени рокови треба да ги исполнат во следниот период, со оглед дека не е можно сите прашања да се решат во краток рок. Тие наведуваат дека Атина инисистирала на некои промени во македонскиот Устав со цел да се осигури дека северниот сосед нема иридентистички ставови кон северна Грција. Во тој контекст, како што пишува „Ефимерида“, во договорот експлицитно би било наведено дека ПЈРМ ќе го промени Уставот и спорните членови во одреден временски период, со цел до 20-ти март 2018. година истиот да биде депониран во Обединетите Нации. Наводно, во разговорите било вклучено и прашањето за името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), за која, според изворите на „Ефимерида“, се предлагало да се нарекува Охридска Архиепископија. Во некои од коментарите на ваквите наводи, се вели дека „тоа би било најголем подарок за Скопје, бидејќи ќе се признае историската компонента на МПЦ“.
Извор: Дојче Веле