Повеќе од половината имиња ставени на листата, на оние на коишто им се оспорени финансиски побарувања од „Медиа Принт Македонија“, го сочинуваат членови на Здружението за социјална правда – Левичарско движење „Солидарност“, но и потесното раководство на политичката партија „Левица“! Имено, не е познато на која основа „Солидарност“ пријавило парични побарувања во висина од 169.339 денари или безмалку три илјади евра, но не е познато зошто токму истите износи, како побарувња, ги предјавиле и лидерот на „Левица“, Здравко Савески и неговиот близок соработник Мариглен Демири, пренесе Правосудство.
Во каков деловен однос биле „Солидарност“, Савески и „Левица“ со „Медиа Принт Македонија“ веќе нема кој официјално да потврди, но индикативно е тоа што тие сите побаруваат идентичен износ од 169.339 денари или околу три илјади евра.
На листата на „побарувачи“, освен „Солидарнсот“, Савески и Демири, се и и имињата на Александар Ковачевски, Мартин Краљевски, Дамјан Божиновски, Марија Башевска, Васко Цацаноски, Дејан Лутовски, Артан Садики, Кире Василев и Кирил Бисероски. Доколку се соберат сите износи кои се побаруваат од спомнатите, а кои суми не им се прифатени и признаени од стечајниот уптавник на „МПМ“, Живко Калков, ќе се дојде до сума од околу 30.000 евра.
И додека стечајниот управник е пред седница на која Стечајниот совет треба да даде „зелено светло“ на аукциските продажби на имот на „МПМ“, а по што ќе започне и првата исплата на средства на оние чии што парични побарувања се неспорни, треба да се очекува споменатите да појаснат зошто побаруваат пари и зошто тие не им биле одобрени.