Покрај печатеното и електронското издание на Службен весник, секојдневно ја ажурираме нашата електронска база на прописи, за која слободно можеме да кажеме дека е архива на националната легислатива од 45-тата година до денес. Базата нуди брзо пребарување, со еден клик, со еден збор од насловот на прописот, или пребарување по области, но она што е најважно е дека со секоја измена во кој било закон, во неа, веднаш поставуваме пречистен текст, вели во интервју за МИА директорката на Службен весник на Република Северна Македонија, Татијана Лалчевска.
Е-базата на прописи, како што посочува, е извонредна алатка за секојдневно, безбедно и правно постапување и е наменета за сите оние што сакаат или имаат редовна потреба од следењето на законодавството во Република Северна Македонија, а во неа секојдневно, навремено се ажурира секоја објава од службеното гласило.
На 18-ти февруари 1945 година, Президиумот на АСНОМ донесе Одлука за издавање на „Службен лист на Федералната единица Македонија“. Од тогаш, па до денес ова претпријатие сведочи за историјата на нашата држава, за сите важни историски акти и документи објавени во ова службено гласило и чекори заедно со историјата и иднината на нашата држава.
-Од неговиот прв број, па сè до денес, се објавени бројни закони и подзаконски акти кои го сочинуваат правниот систем на државата, така што ова гласило ги опфаќа сите значајни настани кои ја одбележаа нашата историја. Во тој речиси осумдецениски период на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Северна Македонија, ова претпријатие ја испиша својата страница за паметење, поминувајќи низ неколку трансформации следени од општествените случувања, и тоа во шеесеттите години како „Службен весник на НРМ“, потоа како „Службен весник на СРМ“, во почетокот на деведесеттите години како „Службен весник на Репубика Македонија“, и од пред две години како „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Оваа година, претпријатието одбележува точно 76 години откако ја негува традицијата да го издава службено гласило и до ден-денес ја надоградува ризницата на општествената рамка. Ние сме постојан хроничар за историјата на нашата држава, чувар на сите важни историски акти и документи кои се објавени во ова службено гласило. Затоа често, за нас сакаме да кажеме дека сме институција која веќе осум децении, континуирано и високопрофесионално, ја извршува својата јавна, општествено доблесна задача, да ги објавува сите службени новини од општественото организирање. Тоа е доверба која обврзува, како што обврзуваат и стратешки утврдените насоки на државата во врска со регулаторните реформи и информациското општество. Својата улога на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Северна Македонија, во сферата на легислативата, Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ настојува да ја исполни со висок степен на совесност и секогаш со службена, автентична, точна, ажурирана и лесно достапна информација.
Неодамна прочитавме објава за изменување и дополнување на Законот по кој е основано претпријатието и по кој ја извршувата основната дејност. За какви измени или новини станува збор?
-Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ е основано со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти, а објавувањето се врши и во печатена и во електронска форма.
Донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“ произлезе од потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во делот што претставува јавен интерес, засновани на европските искуства и стандарди, при што беше оценето дека треба да се измени и дополни овој закон во правец на актуелните трендови на ниво на Европа, со цел да се овозможи електронското издание на службеното гласило, да добие официјален карактер.
Ова е многу важна новина не само за нас, како институција, туку пред сѐ, и за нашите корисници кои сѐ повеќе се определуваат за електронската верзија на службеното гласило. Официјализирањето на ова електронско гласило му дава подеднаков третман со печатеното издание, или да повторам, електронската форма на службеното гласило станува правнообврзувачка. Измените на законот ја донесоа оваа новина, но таа стапува во сила по шест месеци од донесувањето, значи кон крајот на јули кога ќе биде официјализирано електронското издание.
Законот за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“ е во правец на следење на постојниот тренд во оваа област и е изработен согласно со компаративните искуства во областа на објавување на законите и на другите прописи и акти во службените гласила во земјите од регионот како и искуствата од издавачите на службените гласила во ЕУ.
Од друга страна, дел од измените во предложениот закон се резултат на воочените негативни искуства и разлики во толкувањето на одделни членови од законот како резултат на повеќегодишната примена на постојниот Закон (од 1999 година до денес), како и согласно со компаративните искуства на издавачите на службените гласила од земјите во регионот и пошироко.
Основните цели и решенија на Законот за изменување и дополнување на нашиот закон, содржат новини кои се однесуваат на начинот и формата на објавувањето на законите и на другите прописи и акти во службеното гласило, како и други решенија усогласени со актуелните трендови во областа на објавувањето на актите и начинот и формата на нивното издавање.
Всушност, со измените ќе се овозможи поефикасно работење на претпријатието, како и развој на нови услуги и производи. Веќе извесен период ги баравме и предлагавме измените, бидејќи ЈП „Службен весник на РСМ“ во континуитет настојува да е над стереотипите и да е сигурен партнер како на институциите, така и на граѓаните бидејќи мотото на оваа институција, денес и во иднина е квалитет, безбедност, навременост и точност.
Целото интервју на следниов ЛИНК.