Во поладневното издание на “Отворено студио” на 24 ТВ, гостинка беше прим. д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог од Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, која даде стручен осврт кон пристапот и стратегијата на нашата држава кон тестирањето за коронавирусот и дали е потребно да се пристапи кон масовно тестирање со оглед на фактот дека деновиве имавме флуктуација во бројот на новодијагностицирани случаи:
“Јас многу не се врзувам за бројки дали денес биле 29, а утре 77. Многу работи влијаат на дневната бројка дали ќе оди погоре или подолу и затоа реков дека предвидувањата се менуваат во зависност од тоа каква ни е претходната ситуација. Ние сме во фаза на пораст на бројот на заболени и тоа ќе биде така уште некој период. Порастот на бројот на заболени неминовно носи пораст на бројот на тешки случаи, како и бројот на случаи кои ќе бидат лекувани на интензивна нега, па и бројот на смртни случаи. Дали денеска ќе бидат 3, 5 или 7 смртни случаи зависи од многу работи, пред сè од активностите на самиот терен. Поголема е навалата за тестирање, имаме поголем број тестирани примероци и поголем број позитивни резултати. Генерално, бројката на позитивни од тестираните примероци во последните една до две недели се движи околу 10%. Ние постојано на еден начин имаме некое одржување на бројката.” – објасни д-р Кузмановска.
Во однос на дебатата на стручната јавност дали е потребно или не да се пристапи кон масовно тестирање, д-р Кузмановска со следниов став:
“Нашата стратегија е дека треба да се тестираат само лица кои имаат симптоми. Ние сме прва земја заедно со Хрватска во регионот којашто прави најмногу тестови по глава на жител, околу 2 500 тестови на 1 милион жители. Една Бугарија за споредба тестира 81 лице на 1 милион жители. Една Албанија тестира 780. Масовно тестирање не значи да земеме да ги тестираме сите 2 милиона жители. Често пати се злоупотребува онаа кауза на СЗО “Тестирај, тестирај, тестирај!”, ама случаи коишто одговараат на дефиниција на случај, не сè. Не можеме да тестираме без никаква стратегија, без никакви критериуми. Тестираме она што покажува симптоми затоа што досегашните познавања на текот на самата инфекција велат дека инкубацијата е од 2 до 14 дена, а болеста најчесто се развива од 5 до 7 ден. Во тој случај што значи масовно тестирање? За некој кој бил во контакт со заболено лице и веднаш бара да му се направи тест, некогаш поминуваат и 5 дена додека да се добие позитивен резултат. Хипотетички, тоа значи во 3 дена ќе истестираме милион жители, од тие 1 милион жители 10% се позитивни. На 1 милион тестирани, 100 000 ќе бидат позитивни, а 900 000 негативни. Што со тие 900 000? Од нив некои за 3, некои за 7, некои за 14 дена ќе развијат симптоми. Повторно ќе ги тестираме тие 900 000? До кога така? Нерационалното тестирање, трошењето на тестовите кога допрва нè чека врвот на епидемијата, може да нè доведе во ситуација утре да останеме без тестови за оние на кои ќе им биде најпотребно.” – заклучи д-р Кузмановска.