Секторот за внатрешни работи Скопје со кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје го предаде М.Г.(50), поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело “убиство“ предвидено и казниво по чл.123 став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Имено, на 19-ти овој месец околу 19,00 часот, додека пријавениот бил во семејниот дом, одлучил најпрвин да и го одземе животот на неговата мајка, К.Г.(77), а потоа да си го одземе и сопствениот живот. Додека неговата мајка била на креветот, М.Г. и нанел една убодна рана во пределот на градниот кош и во текот на ноќта во неколку наврати се обидел да изврши самоубиство, но не успеал во намерите. Истиот и во наредните денови, во повеќе наврати се обидувал да си го одземе животот, но не успеал, по што се откажал од намерата и одлучил да остане во неговиот дом.
На 24-ти овој месец, околу 20,00 часот, во домот пристигнал братот на пријавениот, кој ја пронашол починатата мајка, а пријавениот му кажал дека тој ја убил. М.Г. бил лишен од слобода и по извршен разговор со него, го појаснил начинот на сторување на делото. По наредба на Јавен обвинител телото на починатата е предадено за обдукција.