Кривична пријава за малолетната мајка која си го остави бебето пред Домот за доенчиња

Битолската полиција веќе ја изготви кривичната пријава за запоставување на дете против малолетната тетовчанка која новороденчето пред две недели го остави пред Домот за доенчиња во Битола. Од полиција велат дека пријавата до Обвинителството ќе биде поднесена деновиве. Малолетната мајка кривично ќе биде гонета и покрај реакциите на активистките за женски права дека неа во случајот ѝ треба помош, а не кривична пријава.

Народниот правобранител, кој минатата недела по сопствена иницијатива отвори предмет за малолетната тетовчанка, нема да навлегува во постапките што ќе ги преземат другите органи во државата. Оттаму велат дека испратиле официјален допис до Министерството за труд и социјални работи со насоки да ѝ се помогне на мајката ако може да го зачува сопственото дете.

„Во дописот дадовме насоки за испитување, баравме акцент да се стави на личноста на мајката, да се утврди дали таа може да го гледа сопственото дете. Тоа да се врати назад кај неа, зашто сметаме дека најдобрата средина за детете е да биде одгледано во неговото семејство. Побаравме да се испитаат причините зошто таа се одлучуила на таква постапка, кога девојката е веќе мајка и веќе има едно дете. Побаравме да се разговара и со вонбрачниот партнер, да се промени мислењето и бебето ако е можно да си остане со мајката“, рече Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-Народен правобранител.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Тетово на малолетната мајка која го остави новороденчето пред Домот во Битола, веднаш ѝ ја дал потребната стручна психо-социjална помош и поддршка.

„Стручните служби од Тетовскиот центар, освен со мајката се во постојана комуникација и со незиното семејството, со цел да се помогне во решавањето на овој случај“, велат од Министерството.

Според извори од СВР Битола, малолетната мајка пред две недели во придружба на машко и женско лице со такси дошле во Битола и го оставиле детето пред Домот за доенчиња. Потоа група луѓе тропале по вратата од домот, а вработените бидејќи било вечер се исплашиле и повикале полиција. Кога дошла полицијата, пред вратата имало само педесетгодишен битолчанец кој рекол дека го нашол бебето пред влезот.

По најавите дека мајката ќе биде кривично гонета, реагираа активистки за женски права од земјава, барајќи да не се суди малолетната мајка, туку да ѝ се помогне да ја надмине ситуацијата. Ана Василева, феминистка и членка на неформалната иницијатива „Бори се женски“, изјави дека е несфатливо како од сите можни виновници за непосакуваниот исход, иако бебето било оставено токму пред институција која е законски задолжена да го згрижи, МВР одлучува да покрене обвинение и најголемата вина да ја лоцира во најслабата алка, односно во дете што нема наполнето 18 години.

Извор: СДК

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e